Штип, 18.12.2020
Деновиве Владата го објави списокот со компании кои добиле помош од државата преку анти-ковид мерките, но парите не им ги исплатиле на работниците. На тој „црн“ список се 179 фирми.
Интересен за нас е фактот дека од нашата општина само една фирма со само еден вработен (најверојатно сопственикот кој бил основач и единствен вработен) е на тој список на фирми кои ја злоупотребиле помошта. Името на фирмата, со оглед на нејзината „големина“ и бројката на вработени и не е за спомнување.
Глобите за компаниите кои добиле средства од државата, но не исплатиле плати на вработените се движат од 500 до 1.000 евра за микро компанија, од 500 до 2.000 евра за мали, од 1.000 до 6.000 евра за средна и од 1.000 до 10.000 евра за голема компанија.
На списокот се наоѓаат само мали фирми од еден до најмногу 12 вработени по фирма. Од нашиот регион вакви фирми се уште две во Кочани и една во Зрновци сите со само по еден вработен или „човек-фирма“.
Ова е добра вест за Штип која кажува дека нашите стопанственици на мали, средни или големи фирми биле целосно одговорни кон парите кои ги добиле како поддршка од Владата за полесно справување со негативните последици од пандемијата предизвикана од Ковид 19.