Германија ѝ додели на државата грант од 2,4 милиони евра во обновливи извори за енергетска транзиција
Генералниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски и директорот на банката КфВ за Северна Македонија и Косово, Рене Ешеман потпишаа договор за грант наменет за енергетска транзиција од јаглен во користење на обновливи извори на енергија.
Потпишувањето на договорот значи користење на неповратни средства од германската влада во износ од 2,4 милиони евра, кои ни ставаат на располагање дополнителни 80,5 милиони евра како евтини кредити за изградба на енергетски објекти.
Премиерот Зоран Заев истакна дека ова е прв чекор во исполнувањето на целите кои се утврдени во Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година.
„Неповратните средства од 2,4 милиони евра ќе се искористат за изработка на технички студии, документи кои се неопходни за инвестиции во обновливи извори на енергија. Дополнителните 80,5 милиони евра евтини кредити ќе може да се користат за изградба на енергетски објекти,“ рече Заев.
Тој додаде дека на овој начин ќе се забрза процесот на транизција од јаглен кон обновливи извори на енергија што ќе значи и намалување на загадувањето на воздухот.
Германската амбасадорка во земјата Анка Холштајн истакна дека Германија за овие 20 години ја поддржала Македонија со 500 милиони евра, од кои, половината биле за енергетскиот сектор.
Таа истакна дека Владата е на вистински пат во барање на странски директни инвестиции во обновливи извори на енерегија, поддржувајќи зелени проекти за зголемена искористеност на обновливите извори на енергија.
„Трансформацијата на енергетскиот сектор е дел од Зелениот договор на ЕУ со цел македонската влада да ја помине транзицијата од јаглен во обновливи извори на енергија. За мене најважно е што на тој начин ќе се придонесе и кон намалување на загадувањето на воздухот,“ рече Холштајн.
Прашана за реакцијата на невладините организации кои сметаат дека со градењето на хидроелектраните реките се ставаат во цевки и се уништува биодиверзитетот, а количеството на струја што се добива е многу малку, Холшатјн кратко одговори дека германската влада нема да финансира проекти кои ѝ штетат на животната средина.
Директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски истакна дека дел од средствата во износ од 2,4 милиони евра ќе се искористат за фотоволтачни електрани во РЕК Битола, втора фаза за изградба на ветерниот парк во Миравци, рехабилитација на шест хидроелектрани, модернизација и надградување на енергетските објекти, соларна топлификација.