Кочани, 10.03.2021
Советот на Општина Кочани распиша Конкурс за изработка на идејни решенија за изменување на грбот и на знамето на Општина Кочани.
Според пропишаните критериуми, при изработката на грбот и знамето треба да се имаат предвид историските традиции, културното наследство, природата, географските и стопанските карактеристики на Кочани.
Во идејните решенија за грб и знаме треба да бидат застапени максимум четири бои, во кои црната и белата не влегуваат во вкупниот број. Грбот на Општината може да биде еден од елементите на идејното решение за знаме на Општината.
Идејните решенија за грбот и знамето треба да бидат изработени на хамер хартија на А4 формат; со однос на страните 2:1 и 3:2; да бидат текстуално образложени и да можат да се аплицираат на плакета, меморандум, значка и друго.
Бројот на идејните решенија од еден автор не е ограничен, а изработените трудови треба да бидат доставени под шифра до Советот на Општина Кочани, Комисија за утврдување предлози за грб и знаме на Општина Кочани, на адреса ул. „Раде Кратовче“ бр. 1, Кочани, со назнака „За Конкурс за грб и знаме на Општина Кочани“.
За авторот на идејните решенија за грб и знаме кои ќе бидат утврдени за општински симболи од страна на Советот на Општина Кочани, е утврдена награда во износ од 20 илјади денари, по 10 илјади за секој симбол.
Конкурсот е јавен и трае триесет дена од денот на објавувањето, односно до 9 април 2021 г.
Грбот и знамето на Општина Кочани, можат да се употребуваат по нивниот упис во Регистарот на грбови и знамиња на општините во Република Северна Македонија.