ДЗС: Земјава постепено низ годините го губи младото женско население

Во периодот од 2007 до 2019 година, учеството на женското младо население на возраст од 0 до 14 години во земјава е намалено од 18,2 отсто на 15,8 отсто, а учеството на женското старо население на возраст од 65 и повеќе години е зголемено од 12,5 отсто на 15,8 отсто, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.

Поголем број жени се забележуваат во старосната група од 65 години и повеќе. Податоците покажуваат дека жените живеат 3,9 години подолго од мажите односно во просек 78,3 години, а мажите 74,4 години.

Инаку, според вредноста на тоталната стапка на фертилитет (ТФР) во 2019 година, која изнесува 1,34 (живородени деца на една жена), жените во Македонија сè почесто се решаваат да раѓаат само по 1 или 2 деца.

„Според возраста на мајката, во 2019 година, најголемо учество, односно 33,9 отсто имаат живородените деца од мајки на возраст од 25 до 29 години. Просечната возраст на мајката при вкупниот број раѓања е 29,2 години, а 27,5 години при првото раѓање. Во 2019 година се регистрирани 16 живородени деца од мајки на возраст под 15 години“, се вели во публикацијата на Државниот завод за статистика.

Во неа се додава дека како резултат на одложувањето на стапувањето во брак во повозрасните години, во 2019 година, просечната возраст при склучувањето прв брак е 26,9 години на невестата и 29,7 години на младоженецот.

„Промените во старосната структура на населението имаат своја рефлексија врз бројот на умренитe лица во државата. Просечната возраст кај умрените од женски пол изнесува 76 години, односно 71,6 години кај лицата од машки пол“, пишува во публикацијата.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе