ШТИП: Утре музичари ќе исполнат песни на стихови на Ацо Шопов, песни од опусот на писателот ќе читаат актери од Народниот театар
Штип, 10.04.2021
Утре Штип ќе го чествува големото поетско дело на поетот, револуционер и општественик Ацо Шопов. Роден е во Штип на 20 декември 1923 година, починал во Скопје на 20 април пред 39 години (1982).
Иако ги живееме деновите на социјална дистанца со многу ограничувања, Центарот за култура од Штип кој го носи името на Шопов, во соработка со Домот на млади, годинава организира посебно манифестација која утре, точно на пладне ќе оди преку интернет.
Пред два дена делегација на штипскиот Центар за култура беше во Скопје каде на издавачката куќа „Мисла“ и на литературниот критичар и антологичар Раде Сиљан им го врачи традиционалното признание за афирмација на делото и ликот на Ацо Шопов.
Утре, точно на пладне, преку интернет, ќе биде пренесувана манифестацијата „Во чест на поетот“ која ќе се одржува во Домот на култура.
Стихови од Ацо Шопов ќе читаат актерите од Народниот театар Штип: Ангелка Нашкова, Милорад Ангелов и Марија Минчева
Посебен момент во целата оваа прекрасна културна приказна ќе биде настапот на музички состав од познати музичари – Кире Денов, вокал и бас гитара, Горан Кавраков-саксофон, Филип Стефановски-клавијатура, Филип Крстевски-тапани и Александар Бошков-гитара кои ќе исполнат неколку песни на стиховите на поетот Ацо Шопов.