Илјадници европејци побарале да живеат во Штип!

Штип, 18.02.2017

  • Од вемерето излегоа со информација дека Штип бил на шесто место во Европа како перспективен град. A баш од овој град, само минатата година, си заминаа на стотици млади барајќи ја својата перспектива надвор од „перспективниот“ Штип...Да бе, избори се ближат-лаги ќе се нижат.

 

Пишува: Иван Бојаџиски
Пишува: Иван Бојаџиски

Штип да ти бил на шесто место во Европа. И тоа не било во што тука во категорија на перспективни европски градови до 100.000 жители. Плус тоа и градови со одлични услови за странски инвестиции!

Ова, на прес конференција, го обелодени штипската организација на ВМРО ДПМНЕ. Вест која како бомба го стресе градот под Исарот и ги натера штипјани да воскликнат од радост.

Но, јас на оваа моронска информација гледам вака:

Секоја вест си бара своја потврда со аргументи. Што е веста побомбастична, аргументацијата мора да биде поубедлива. Очекував, меѓу другото, од најбогатата партија во Европа која управува со најсиромашниот народ на стариот континент, радосно да ни соопштат дека токму во Европа се случува(ла) нова преселба на народите. Дека преселбата е од наскока на Европа кон Штип. Никако обратно. Дека сите бесперспективни европејци посакале да живеат во Штип,  градот на европската перспектива. Плус тоа и град со најдобри услови за странско инвестирање…

Притоа очекував да добиеме информации за тоа колку французи, германци, американци, белгијци, швајцарци, бугари, словенци, срби, хрвати побарале „штипско државјанство“ за да го исполнат својот сон за живот во еден толку перспективен европски град. Како новинар кој ги истражува работите го знам точниот одговор – ниту еден.

Спротивно на тоа знам за стотина млади луѓе кои само минатата година си заминаа од „градот на најголемите европски перспективи“ зашто тука перспектива не видоа.

Свесен сум за тоа дека локални избори се наближуваат. Дека ќе се лаже без усул, срам и перде. Но, го знам и тоа дека во штипското вемере се свесни дека на последните предвремени парламентарни избори „калираа“ за 6.500 гласа во однос на нивниот политички конкурент СДСМ. Тоа е така ако се гледа низ призмата на добивката која ја остварија на изборите во 2014 година. Знам дека тој факт си носи нервоза. А кога нервозата е тука, тука е и потребата да се лаже. Не само да се лаже туку многу и упорно да се лаже.

Сепак, мислам дека народот по 11 години живот во државна хипноза и осум последователни години под општинска наркоза, веќе е опаметен. Дека е вакциниран, дека станал имун на лагите кои ни ги сервираат од лажовната кујна на вемерето.

Народот сега (ќе) бара реалност. Реална слика за својата бедна состојба, реална анализа на својата бесперспективност. И реални ветувања за излез од таа и таква живеачка. Наклоноста на народот ќе ја добие оној политички субјект кој ќе посака да ја говори вистината. Како што Черчил ја добил наклоноста на Англичани кога говорејќи им ја вистината и само вистината им порачал дека нема ништо да биде лесно, дека ќе биде ѓаволски тешко, ќе има крв, пот и солзи додека да се изгради една модерна и просперитетна Англија.

Тоа Черчил им го ветил на своите англичани. Дали вемерето може нешто да научи од оваа умност на големиот државник? Чисто се сомневам…

.

 

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе