„Наш протест“: Новите в.д. уредници на РТС не го кренаа својот глас кога студентите беа нарекувани „нацисти“

Вработени во Радио-телевизија Србија (РТС), собрани во неформалната група „Наш протест“, денеска соопштија дека никој од луѓето кои го презеле привременото раководење со дневниците на Информативната програма не го кренал својот глас против споредувањето на студентите со „нацисти“ и „припадници на Хамас“ во Дневник 2, пренесува „Н1“.

Тие посочуваат дека никој од вработените кои го презеле привременото раководење со дневниците на Информативната програма не го потпишал писмото со кое, за време на студентските и граѓанските протести, од раководството на јавниот сервис барале РТС да почне да известува објективно и без манипулации, наведено е на Инстаграм-страницата на „Наш протест“.

„Откако падна првиот тим, лојалистите ја активираа клупата со резервни играчи. Селекторот и понатаму е непознат“, напишаа тие по повод смените во оваа медиумска куќа.

Според одлуката на вршителот на должноста главен уредник на Информативната програма, Боривоје Ускоковиќ, од уредничките функции се разрешени: Весна Шиљеговиќ од редакцијата за дописништва, Николина Ракиќ од редакцијата за регионот, Горислав Папиќ од емисијата „Око“, Зоран Станојевиќ од редакцијата на веб-страницата и Сузана Гвозденовиќ од редакцијата за дијаспората. Разрешени се и уредниците на централниот Дневник во 19:30 часот: Милица Недиќ, Душан Убовиќ и Ружа Јеремиќ Турудиќ. Функциите раководители на редакциите ќе ги извршуваат Радивој Мароевиќ за веб-страницата, Милан Срдиќ за дописништвата, Вања Ратковиќ за регионот, Драгана Игњиќ за „Око“ и Бобан Ковачевиќ за дијаспората.

Претходно, Мања Грчиќ поднесе оставка до Управниот одбор од функцијата генерален директор на Радио-телевизија Србија. Пред да ја поднесе оставката, таа ја разреши Бојана Млаѓеновиќ од функцијата главен и одговорен уредник на Информативната програма и предложи на нејзино место да биде назначен Боривоје Ускоковиќ.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе