Штип, 02.03.2017
- Не е точно дека сум сменет од претседател на ОК на ВМРО ДПМНЕ. А за тоа што се пишува против мене на социјалните мрежи не знам, јас не читам фејсбук, вели Ивановски.
Во штипските кулоари од петокот навечер зачестија информациите дека Дејан Ивановски повеќе не е претседател на ОК на ВМРО ДПМНЕ. Според едни кажувања Ивановски од само нему познати причини си поднел оставка на оваа функција. Според други извори тој бил разрешен од истата.
Информациите велат дека за в.д. претседател бил назначен пратеникот Трајче Димков.
Од петокот наваму, кога штипското вемере имаше трибина на која не се појави Ивановски и на која главниот збор го имаа градоначалникот Илчо Захариев и пратеникот Трајче Димков, на социјалните мрежи се изредија поголем број критичари на ликот и делото на Ивановски. Едни го критикуваат за тоа дека воопшто не се заложил во организацијата на протестите на оваа партија, други дека не бил дораснат да ја води општинската организација, додека трети му забележуваат дека бил под влијание на негови блиски роднини кои со децении се во социјалдемократскиот сојуз.
На мобилен го побаравме Ивановски. Му поставивме едноставно прашање: колку е точно тоа дека тој повеќе не е прв штипски вмровец.
„Тоа воопшто не е точно. Нема никакви промени на таа позиција. Јас ја раководам општинската организација“, ни изјави Ивановски.
На нашето второ прашање зошто, ако е тоа така, поголем број негови познати сопартијци на социјалните мрежи кон неговата личност исфрлаат многу отровни стрели, Ивановски накратко одговори : „Јас не следам фејсбук!
За да добиеме информација и од втор извор, на мобилен позвонивме на пратеникот Трајче Димков, но не успеавме да воспоставиме контакт. Сакавме од него да добиеме информација дали е тој в.д.претседател на Општинската организација на оваа партија, но таков одговор не успеавме да обезбедиме.
Инаку, во Штип подолго време се говори за постоење на три интересовни групации во вемерето, дека едната е под менторство на градоначалникот Захариев, а другите две се негови лути противници. Исток прес веќе пишуваше дека од едната фракција бил испратен допис до централата во Скопје дека на локалните избори тие ќе излезат со свој кандидат за градоначалник и со своја советничка листа ако партијата му довери нова кандидатура на Захариев за градоначалник на Штип. Зад тоа „писмо на намери“ стоеле 140 потписи.