Штип, 12.03.2022
-Нема да има недостиг на масло за јадење, има доволно залиха, а и производството тече нормално. Нема потреба од паника кај граѓаните да купуваат големи количини. Ние како производител на масло за јадење ги следиме и најтранспарентно ги спроведуваме одлуките на Министерството за економија, изјави Сашо Наумоски, генерален директор на „Витаминка“ – Прилеп во чиј состав е и фабриката за масло „Брилијант“ во Штип.
Прашан дали како компанија се соочува со проблеми на набавка на репроматеријали со оглед на кризата, Наумоски со одговор дека од ден на ден се менуваат ситуациите.
Првиот човек на „Витаминка“ нагласи дека нема да имаме проблем со набавка на репроматеријали за производство на познатото масло за јадење.
-Ние имаме потпишано договори. Витаминка е сериозна компанија и обично за три месеци чуваме залихи за сите репроматеријали и суровини. Се надеваме дека соседството ќе ги отвори границите за извоз на суровини и дека нема да имаме проблем за наредниот период за после три месеци. Мислам добивме уверување од министерот Бектеши дека сериозно се работи, дека со РСрбија ќе се договорат отворените граници за проток на пченица, брашно, масло. Така да мислам дека за три месеци нема да имаме проблеми, ќе ги реализираме нашите договори што ги имаме со Србија, вели Наумоски.
Според анализите на „Витаминка“ македонските граѓани годишно користат околу 25.000 тони масло за јадење.
-Русија и Украина се најголемите производители на масло за јадење во светот, негде околу 55 посто двете земји имаат производство на сончогледово масло. Цените одат горе, но мислам повеќе тоа е психоза, мислам дека ќе се стабилизира цената, дека ќе се врати на поранешните позиции. Очекуваме дека за брзо време ќе се стабилизира ситуацијата, а се надевам и дека војната во тој регион бргу ќе заврши, рече вели Наумоски.
Македонските компании за производство на масло за јадење суровините најмногу ги снабдува од Србија, Бугарија, бидејќи ние немаме големи капацитети за да нарачуваме бродски транспорт на сурово масло од Украина или од Русија. Посочи дека трошоците им се зголемени од 20 до 30 проценти.
Ова Наумовски го изјави при денешната посета на министерот за економија Крешник Бектеши на фабриката за масло Брилијант. Министерот направи увид во тоа како се спроведуваат одлуките на Владата за заштита на домашното производство на основни прехранбени производи.
-Домашните капацитети за производство на оснoвни прехранбени производи се ставени во полн капацитет, а мерките кои што беа донесени од Владата имаат за цел да се избегнат ценовните шокови и да се заштитат граѓаните, напомена Бектеши..
-Има доволно количини на основни прехранбени производи од домашно производство. Северна Македонија има многу подобри цени споредено со земјите во регионот, а цените дополнително ќе се намалат во наредниот период и како резултат на одлуката за намалување на маржите и како резултатите на намалувањето на ДДВ на основните прехранбени производи од 5 на 0 проценти за што законското решение беше донесено вчера во Собранието, истакна Бектеши.