Штип, 17.05.2022
Општина Штип и Универзитетот „Гоце Делчев“ ќе го предложат проф.д-р Методи Чепреганов за годинашен добитник на високата државна награда „11 Октомври“. Проф. Чепреганов е специјалист по невропсихијатрија и епилептологија а во нашата и европска медицина е веќе 61 година. .
За овој предлог ќе се изјаснува Советот на Општина Штип на седницата закажана за в четврток, 19 овој месец. Вчера, Комисијата за култура при општинскиот совет едногласно донесе позитивна одлука и му препорача на Советот да ја усвои.
Вон секое сомневање е дека предлогот проф.д-р Чепреганов да го добие највисокото признание во државата ќе биде прифатен со акламација од советниците бидејќи доктор Методи Чепреганов е една од најмаркантните и најуспешни личности родени во Штип.
Државната награда „11 Октомври” е награда од високо ниво на Република Северна Македонија која традиционално се доделува на Денот на востанието 11 октомври. Со неа се оддава највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и во другите дејности од јавен интерес.
Наградата „11 октомври“ ја доделува Одборот за доделување на државната награда „11 октомври“, а за првпат оваа награда била доделена во 1959 година.
Инаку, проф.д-р Методи Чепреганов објавил над 260 научни трудови и 130 монографии од областа на Неврологијата и епилептологијата. Учествувал на бројни европски и конгреси. Тој е член на Европска асоцијација за клиничка неврофизиологија и епилептологија за земјите од Француско говорно подрачје; Невролошка асоцијација на Франција.
Награден е со орден Palmes Academiques од страна на Првиот министер на Франција во името на Министерството за наука.