Штип, 20.05.2022
Штип вчера, во рударска Македонска Каменица, се претстави со дел од својот културен репертоар. Прв настан беше промоцијата на книгата за деца „Мечето Мери Ум“ од писателот Трајче Кацаров. Во КИЦ „Романса“ промоцијата ја следеа ученици од Општинското основно училиште „Свети Кирил и Методиј“ на која се создаде една магична интеракција помеѓу писателот-наратор и љубопитните деца кои поставија мал милион прашања во однос на Мечето Мери Ум, животните -домашни миленичиња и односот на луѓето (главно децата) кон нив. Настанот го отвори Гоце Стојановски, директор на КИЦ „Романса“.
Вечерта во истата културна установа Штипскиот театар ја прикажа претставата „Амбасадор“ при што публиката од Градот на рудникот „Саса“ со голем апласуз ги поздрави актерите на отворена сцена.
Позитивно изненаден од уреденоста на Македонска Каменица, Горан Трајков, директор на НУЦК „Ацо Шопов“-Штип на директорот на КИЦ Романска Гоце Стојанов му даде една несекојдневна понуда.
-Мојот предлог беше луѓе кои во Македонска Каменица се грижат за градското зеленило да дојдат во Штип и пред домот на културата да ги уредат зимзелените и други дрвца на начин на кој тоа го имаат направено во нивниот град, а тоа значи на еден неверојатно убав, уметнички и за сите очи привлечен начин. За возврат, како „компензација“ на ова, им ветив дека нашиот театар ќе одигра бесплатна претстава во Македонска Каменица. Сега на потег е колегата Стојановски од кого чекам одговор во однос на овој предлог, изјави Горан Трајков за istokpress.mk.
За несекојдневниот предлог мислење побаравме и од првиот човек на културата во М.Каменица.
– И за нас како институција која сака и овозможува повеќе културни настани за нашите сограѓани, ова е прифатлив и оригинален предлог. Во понеделник ќе разговарам за оваа можност со директорот на ЈП „Камена Река“ и ќе видиме кој е нивниот одговор. Би сакал оваа размена, или оваа „компензациј“ на релација културна институција-животна средина на нашиот град да се реализира, ни рече директорот Стојановски.