Штип, 09.06.2022
Кои се развојните можности на Општина Штип и како, каде и на кој начин локалната власт треба да му помогне на бизнис секторот и на сите кои сакаат да вложуваат во разни стопански но и нестопански гранки. На оваа тема денес, во организација на УНДП, дебатираа група советници во Советот на општината.
Во дебатата беа детектиран четири сектори од клучно значење за економско-социјалниот развој на општината и за подобра благосостојба на граѓаните. Тоа се секторите стопанство и промената на неговата трудоинтензивна текстилна индустрија, привлекувањето странски инвестиции кои не се од областа на текстилот, помош и поддршка на домашните бизнисмени кои сакаат да инвестираат во нови проекти, развојот на туризмот и образование согласно потребите на таргетираниот сопански, туристички и секаков друг развој.
Според искажувањата Штип своите најголеми ресурси ги има во човечкиот капитал кој поради неможноста да се вложи себе си во квалитетни фирми и компании бара начин среќата да си ја побара во странство.
Општината како сервис на стопанството треба на поедноставен и побрз начин да реагира во однос на барањата на стопанствениците за издавање дозволи за локации на кои тие би граделе свои капацитети. Штип, беше речено во дебатата, има значителни ресурси и во областа на туризмот но градот, барем до сега, не умеел да направи квалитетна стратегија за развој на ова во светот мошне развиена стопанска гранка. Како ресурси беа спомнати археолошките локалитети, бројни цркви, топлите води во реонот на Кежовица како голема можност за развој на бањскиот туризам, легендарното Ново Село но и приказните за Рајна Бурева, Ленка Пингова, Дончо Штипјанчето, Коле Велков како и огромниот котел во село Сарчиево во кој беше срушен Гинисовиот рекорд во варење грав.
Дебатата се фоусира и на можностите за развој на прехранбената индустрија преку почитување и примена на филозофијата „Од нива до трпеза“ која во бившиот систем беше втора по значење стопанска гранка во Штип, веднаш после текстилната индустрија.