Скопје, 09.07.2022
Еден од најпознатите македонски лекари во последниве 50 години, невропсихијатарот проф. Методи Чепреганов, почина денеска на возраст од 86 години. Веста за неговата смрт ја соопшти болницата „Неуромедика“, каде што д-р Чепреганов работеше во последниве 20 години. Чепреганов починал по кратко боледување. Во соопштението на „Неуродмедика“ се вели дека сите вработени „изразуваат огромна почит и благодарност за соработката и успесите во работата како дел од тимот на болницата“.
Методи Чепреганов како невропсихијатар-епилептолог беше во самиот врв на македонската медицинска наука. Тој работеше неуморно цело време, дури и во неговите поодминати години. Не само што сѐ уште имаше илјадници пациенти за кои имаше евиденција во својата документација, туку тој беше посветен пишувач на научни дела, над 60 во својата кариера, сите од областа на неврологијата и епилептологијата.
Беше многу чест гостин во медиумите каде го објаснувашемоментот во којшто живее не само поединецот во последните 30 години, туку и целото македонско општество. Неговите анализи беа толку прецизни што наведуваа на сериозно размислување кон каде се движи општеството и како може да излезе од својот стрес продолжен со децении.
Во една од своите вивисекции за состојбата на македонското општествено ткиво тој рече:
„Малоумноста, интензивните психоемотивни напливи, поточно афектот, инаетот, суетата, примитивизмот и параноидниот начин на размислување, биле, се и ќе бидат главниот кочничар и уназадувач на една популација и држава. Бидејќи, невронауката покажа и докажа, дека така обоената и заробена екологија на духот во интерперсоналните односи во никој случај не води кон прогрес, туку обратно, кон регрес и заробеност во своите карактерни особини и страсти за моќ и личен бенефит. За жал, примери во нашето секојдневие има многу”.
Неговата медицинска кариера е феноменална во секој чекор. Росн е во Штип, дипломирал во 1962 година на Медицински факултет во Скопје, а потоа специјализираше невропсихијатрија на истиот факултет. Во 1974-1975 година бил на специјалистички студии по клиничка електроенцефалографија во лабораторија и епилептологија LENA во Париз, па во 1978 стручно се доусовршувал за компјутерска томографија во Белгија и Англија.
Од 1969 година работи на Клиниката за нервни и душевни болести при Медицинскиот факултет во Скопје. Повеќе од 25 години учествувал во наставата на Медицинскиот факултет како професор одржувајќи предавања од областа на неврологијата и психијатрија со медицинска психологија. Од 2006 година беше дел од тимот на „Неуромедика“.
Објавил над 260 научни трудови и 130 монографии од областа на неврологијата и епилептологијата.
Д-р Чепреганов беше дел од Европската асоцијација за клиничка неврофизиологија и епилептологија за земјите од француско говорно подрачје; Невролошка асоцијација на Франција. Награден е со орден Palmes Academiques од страна на Првиот министер на Франција во името на Министерството за наука. (nezavisen.mk)