По примерот на Битола, пред 12 години, Република Македонија, беше решила, и од Охрид, да прави втор конзулски град.
Атрактивноста на градот, надополнета со намерите на тогашната влада, резултираа со владината одлука од 11 февруари 2010 година, за отворање на почесен конзулат на Република Турција,
Речено (решено) – сторено! Веќе во март, на самиот езерски брег, на атрактивна локација, дел од “Веслачкиот клуб Охрид “, се завиорија турското и македонското национално знаме.
Церемонијата мина доста помпезно, на високо ниво, тогашниот шеф на турската дипломатија, Ахмет Давутоглу, кој беше во официјална посета на Република Македонија, го отвори почесниот конзулат на Турција во македонската духовна столица.На почесното дипломатско столче, седна млад бизнисмен од турска припадност од Струга.
Турското и македонското знаме, се веат и денеска, само на нова локација, малку поисточно и подалеку од езерската линија, во зградата на некогашната “Служба за општествена контрола”, сега “Централен регистер”.
Како и да е, конзулатотот, како институција и натаму постои, надворешно е видлив, а што се случува, и, дали нешто, воопшто, се случува, малкумина можат да ви кажат.
Шест години подоцна,исто така, со голема помпезност, и со присуство на претставници на дипломатскиот кор, Министерството за надворешни работи, поглаварот на Македонската православна црква, Локалната самоуправа и бројни гости, тогашниот амбасадорот на Руската Федерација, Олег Николаевич, ја пресече црвената лента пред почесниот конзулат.
Како локација, малку невообичаено и чудно, беше одбран Конгресниот центар на УКИМ од Скопје, кај населбата Коњско, на десетина километри од градот, до хотелскиот комплекс “Метропол-Белви”.
Зошто така и зошто таму? Одговорот на прашањето го дава фактот што за почесен конзул беше поставен тогашниот ректор на УКИМ, имењакот, професор д-р Ве лимир Стојкоски.
–Со отворањето на почесниот конзулат во Охрид, традиционалните добри односи меѓу Република Македонија и Руската Федерација, ќе се продлабочуваат во сите области, особено во културата и духовниот живот на граѓаните од двете држави, вети тогаш ректорот.
По неговото заминување од функцијата, наследникот, сегашниот ректор, најверојатно, го загубил ентузијазмот, така што конзулатот беше префрлен во строгиот центар на Охрид, на самата езерска линија, во хотелот “Нова Ривиера”.
На една од терасите на првиот кат, се виореа знамињата на двете пријателски земји! Што остана од “традиционалните добри односи меѓу Република Македонија и Руската Федерација”, расудувајте и пресудувајте самите, а од конзулатот ништо не остана. Барем нема видлив белег, никаде во градот.
Охригани видоа видлив белег и за постоење на почесен конзулат на Република Словенија, а најверојатно никој не го видел, ниту пак знае кој е ПОЧЕСТЕНИОТ конзул! Белезите и денеска стојат, на една стамбена зграда во центарот на Охрид, каде е деловницата на “Стопанска банка” од Скопје, но вратите во таа просторија никогаш не се отворени.
Слична е ако не идентична и судбината со почесниот конзулат на Република Унгарија. Беше отворен на една мала уличка, охригани би рекле – кај старото кино. После тоа никој не ги виде вратите отворени, а денеска ги нерма ниту белезите на двете земји- металната табла и државните знамиња.
Од сите овие белосветски “дипломатски претставништва!“, барем до ова лето, видливо отворени врати имаше само во почесниот конзулат на Република Полска. Заедно со видливите знаци на двете земји. Знаците беа видливи (развиорените знамиња) и пред куќата на Трифун Костовски, во старото градско јадро – над Долни Сарај, од што можете да прочитате од чие семејство беше ПОЧЕСТЕНИОТ конзул.
Но, најверојатно и тука гаволот дошол по своето!Од почесниот конзулат, наспроти “Основниот суд”, во центарот на градот, нема ништо. Ја нема означната табла, го нема македонското знаме, на јарболот се веат знамето на ЕУ и најверојатно полското!И уште една заостаната, неосветлена рекламна светилка на “Еуростандард банка”!
Се на се, од несудениот конзулски град не остана ништо, освен најновиот почесен конзулат на Република Србија. Сместен е во новоизградена стамбена зграда, во подрумските простории, наспроти “Охридска”, сега “Шпаркасе банка”. Почесниот конзул, Михајло Филев, потомок од семејството на производители на охридски бисер, засега, покажува ентузијазам и е видлив во јавноста.
Дај боже од него да постане и остане нешто од дипломатска активност, бидејќи, во сите други случаи, математиката, најверојатно, била да се добие дипломатски пасош, заедно со другите привелегии кои истиот ги повлекува.
Како и да е некој во земјата треба да повлече некаков потег. Најнапред министерството, односно министерот за надворешни работи, а потоа и владата како орган кој ги носи одлуките за отворање на почесни конзулати.
Во спротивно, ќе останат само смеата и мајтапењето со охригани, но, и гостите од земјите на почесните конзулати!
(Крај) Веле Митаноски