ШТИП: Ноќ на акцијашки емоции

Штип, 26.01.2023

Стотина поранешни акцијаши од Штип, денес акцијаши-волонтери синоќа ја исполнија малата сала во Домот на култура „Ацо Шопов“ со прекрасни емоции низ сеќавањата на својата младост и времето кога со доброволни работни акции се градеше татковината. Настанот беше во организација на Здружението на акцијаши волонтери „Пат на младоста“.

Некогашните младинци, денес луѓе во зрели години, добар дел и пензионери, си дадоа отчет за работата во изминатите четири години и ја усвоија програмата за наредните неколку години. На настанот присуствуваа и акцијаши од Велес, Скопје и некои други места.

„На Младинската работна акција „Плачковица 1975-1978“ кога го градевме патот од Карбинци до планината, учествуваа над 3.000 младинци-акцијаши од цела  бивша Југославија. Работевме со силен ентусијазам под мотото „Ние го градиме патот – патот не гради нас“. Беа тоа моменти кои не се забораваат, рече Никола Кангалов, претседател на здружението „Патот на младоста“.

А за нештата да не заминат во заборав се погрижи Тодор Кралев, командант на МРА „Плачковица 1975-1978“ кој младешкиот ентусијазам и посветеноста на напредокот на татковината го остави за навек во книга посветена на овој голем настан.

Кангалов напомна дека во последно време на нивното здружение и се приклучуваат многу млади луѓе што е резултат и на промоцијата која членови на ова здружение ја вршат меѓу младите, пред се во училиштата.

Според првиот човек на „Патот на младоста“ штипските акцијаши покрај во изградбата на патото до Плачковица, учествувале и во многу младински работни акции на просторот од поранешна Југославија. А денес, кога се во некои средни години акцијашите спроведуваат акции пред се од еколошка природа.

Од настанот беше испратена порака до младите помасовно да се приклучат кон доброволни волонтерски акции зашто тоа носи многу доблести и чувство дека се направило нешто корисно и добро за својата заедница.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе