Штип, 12.03.2023
Михаела Ѓорчева и Моника Илиева се македонски претприемачки кои учествуваа на самитот Форбс 30/50 што се одржа во Абу Даби од 7 до 10 март по повод Меѓународниот ден на жената. Во рамки на самитот, нашите претприемачки оствариле средба и со главниот и одговорен уредник на Форбс и основач на Forbes Under 30 листата, Рандал Лејн.
Ѓорчева е дел од листата Forbes Under 30-2022 на која се истакнуваат по 30 најуспешни млади претприемачи во Европа. Таа e основач на македонскиот ланец на кина „Киноверзум“ и член на Управниот одбор на Меѓународниот Славјански Универзитет.
Илиева, пак, е ко-основач на продуцентската и издавачка куќа Cafe De Anatollia, а од лани и член на Forbes Business Council, организација на најуспешни претприемачи и бизнис лидери од целиот свет.
– Стекнав увид во најновите трендови и технологии и научив од искуствата на другите бизнис жени лидери од целиот свет. Фокусот на менторството и соработката на самитот ми помогна да развијам нови односи и вештини што ќе ми користат во понатамошниот деловен и личен живот. Самитот секако беше важно и трансформативно искуство за мене како член на заедницата на Forbes, појаснува Ѓорчева за МИА.
Таа имала и менторска сесија со Мика Брезинск,- претседавач на Форбс 30/50 самитот, основач на „Know your value“ и водителка на американската утринска емисија Morning Joe.
Главниот фокус на настанот, како што посочува Ѓорчева, било менторството. На самитот учествувале светски лидери од политиката, бизнисот и невладиниот сектор. Меѓу нив биле и поранешната државна секретарка на Соединетите Американски Држави, Хилари Клинтон, првата дама на Украина, Олена Зеленска, принцезата Ламија Бинт Мајед Сауд Ал Сауд од Саудиска Арабија, актерката и добитничка на Еми награда Кетрин О’Хара, новинарката и активистка Глориа Стајнем и многу други познати жени од светот. ад/бак/