Штип, 01.04.2023
Пред влезот во туристичкиот бисер Аурора на Беровско езеро поголем број семејства од Берово ги отвориле тезгите на кои се изложени стотици производи од еколошки чистата средина на Малешевијата. Малешевски компир, малешевско сирење, боров и ливадски мед, боров сируп кој лекува астма, бронхит и настинка, а ги прочистува и дишните патишта, маџун, природен лек од глуварче против настинка и кашлица, природни креми на база на прополис, слатко од слива, тиква, орев, оцет од дива јаболка-киселица…Понудате е неверојатна, а секој од туристите дојдени во овој преубав крај купуваат по нешто.
Венчо Самарџиски и неговото семејтво со децении се бават со производство на еколошки производи од недопрената природа на Малешевијата. Неговата фирма „Здравје Самарџи“ во 2009 година, на меѓународната манифестација на еколошка храна во Виена доби златен медал за боровиот сируп.
Во Берово бевме за да направиме репортажа на тема очекувањата на туристичките работници и оние на кои фреквенцијата на луѓето им значи за нивниот социјален опстој од најавеното отворање на граничниот премина Клепало на македонско-бугарската граница. Имено, од бугарска страна дојде информација дека Владата на Бугарија донела одлука за отворање на овој премин (нашата Владата таква одлука има од пред три децении) во што ќе бидат инвестирани 9 милиони евра европски пари за прегогранична соработка.
-Тоа е вест која ја чекаме со децении. За отворањето на „Клепало“ се зборува веќе 25 години. Надежта никогаш не умира па се надеваме дека до средината на идната година преминот ќе проработи. Тоа за нас значи поголема раздвиженост на луѓе, повеќе гости, а со тоа и поголем профит за нас. Овој премин не прави да бидеме многу поблиску и до Грција па очекуваме туристи и од оваа држава. Во секој случај една долго очекувана добра вест која за целиот наш крај посебно ќе значи многу во економска, а и во социјална смисла, ни рече Самарџиски.
Во култниот Аурора ресторт и спа кој е спој на архитектонската вештина и природата во која е изграден и каде доминираат преубавата шума и преполното Беровско езеро, на оваа тема бараме мислење од искусниот туристички работник, сопственик на туристичката агенција Аурора и на истоимениот туристички бисер Славе Сирачевски.
СИРАЧЕВСКИ: Преминот Клепало за Малешевијата отсекогаш било приоритетно прашање. Во овој крај нема индустрија, во развојот на туризмот е целата наша иднина, отворањето на преминот Клепало ќе го забрза тој процес.
-Преминот Клепало за нас отсекогаш било приоритетно прашање. Кога велам „за нас“ мислам на целиот Малешевски крај кој својата иднина ја гледа пред се во развој на туризмот. Кај нас и сега 20 проценти од гостите се од соседна Бугарија, но за да стасат до тука им треба повеќе време за патување. Клепало на најбрз можен начин ќе овозможи спој на туристичките капацитети во Малешевија и оние од другата страна на границата како Сандански, Банско, Боровец и другите. Конечно на 60 километри од тука е граничниот премин Кулата помеѓу Бугарија и Грција па е за очекување дека и граѓаните на Грција ќе ги откријат туристичките потенцијали на Малешевијата. Филозофијата на современиот турист е дека животот е патување и многу туристи од Бугарија кои доаѓаат кај нас продолжуваат кон Скопје, Охрид и други дестинации, вели Сирачевски.
Нашиот соговорник додава дека бугарските граѓани доаѓаат овде бидејќи тука се им е поефтино, а во саботните-пазарни денови соседното Делчево врие од бугарски граѓани главно од Благоевградскиот округ кои во Делчево кое им е најблиску, главно купуваат храна, а се чести гости и на стоматолозите зашто поправката на заби кај нас е повеќекратно поефтина одколку во Бугарија.
-Нашите гости, соодветно на тоа и оние од соседна Бугарија кои не посетуваат сакаат да потрошат, тие ја обожаваат нашата храна која во најголем дел е од еколошки незагаденото малешевско подрачје. Конечно, Берово и овој крај не можат да живеат од индустрија бидејќи неа и ја немаме, затоа тука се големите туристички потенцијали. А туризмот се развивја, околу езерото веќе имаме помеѓу 80-100 викендици од „А“ категорија кои се ставени во туристичката понуда со 400 легла и кои и во лето и во зима си имаат свои клиенти. Тоа е одличен знак дека треба да се вложува во туризмот во нашиот крај, коментира Сирачевски.
Дафинка – Дина Муцунска е генерален менаџер на надалеку прочуениот хотел „Манастир“. На темата „Клепало“ и неговото значење за туризмот во Малешевијата го вели следново:
МУЦУНСКА: Полицајците кои 1992 година беа примени на работа на Клепало заминаа во пензија. Остануваме со надеж дека Клепало ќе проработи, а со тоа комуникацијата меѓу двата народи ќе стане уште позачестена и поинтензивна и природно ќе продолжи да тече градејќи пријателства.
-Преминот Клепало е можеби најдолго најавуван и очекуван инфрструктурен проект во нашата земја. Полицајците кои 1992 година беа примени на работа за неговото отварање, заминаа во пензија. Неговото значење за развојот на туризмот е огромно, а апропо тоа, бидејќи туризмот е една од главните економски гранки во Малешевијата, пуштањето во функција на преминот е од витално значење, односно развиена економија значи и културен и социјален развој, подобар животен стандард на локалната заедница, вели Муцунска.
Нашата соговорничка додава дека близината на туристичките места од бугарска страна со Малешевијата ќе значи значително зголемен обем на туристи за овој наш преубав крај.
-Најблиски општини до граничниот премин „Клепало“ од бугарска страна се Струмјани град на само 30 километри од Берово, потоа Сандански, кој е развиен туристички центар, а е на само 45 километри од нас, а точно е и тоа дека и преминот Кулата на бугарско-грчката граница е на 60 километри. Тоа би значело силен подем, доближување на нашата туристичка понуда до голем обем на туристи кои гравитираат и транзитираат во овие места. Многу е реално, дел од овие туристи да бидат привлечени во еднодневни прошетки, а поради квалитетот кој го нудиме, постои огромна шанса, да успееме и да задржиме некој процент од нив и во посета со ноќевање и да ги поттикнеме на викенд гостување, а секако се отвара и транизит-туризмот, кој е сам по себе економски бенефит. Веруваме и во отварање на Грција како наш туристички пазар, со помош на гастрономскиот сегмент од нашата понуда за кој најлесно ќе дојдеме до воспоставување на интерес, а понатаму ќе ги градиме и другите релации. Во овој контекст би навела дека мора да се изработи и студија за „капацитетот на апсорбција на Берово и Малешевијата“, за однапред да знаеме, до која мера прогресот би бил позитивен и би останал ненарушен балансот со природните ресурси, односно да се воспостави одржлив развој, дека доколку се надмине овој капацитет, ќе дојде до процес на регресија, кое никако не смееме да дозволиме да се случи, коментира Муцунска.
-Нашиот бренд Манастир е посетуван од гости буквално од цела Македонија. Веќе постоиме 19 години и се наметнавме како олицетворение и репер за квалитет во туризмот, па изградивме и силен бренд и приказна како најавтентичен хотел во нашата земја. Сето тоа не прави прв и чест избор на многу наши посетители. Инаку сигурни сме дека и посетите од тука кон Сандански, Струмјани и Грција ќе бидат чести, бидејќи нашите луѓе секако го чувствуваат тој крај близок, а со отварањето на преминот комуникацијата меѓу двата народи ќе стане уште позачестена и поинтензивна и природно ќе продолжи да тече градејќи пријателства, обновувајќи ги и постоечките роднински врски, создавајќи многу можности за економска соработка и партнерства, потенцира нашата соговорничка Муцунска.
Градоначалникот на Берово Звонко Пекевски вели дека Клепало како граничен премин се „отвора“ од времето кога тој бил студент, односно од 1993 година.
ПЕКЕВСКИ: Преминот Клепало се „отвора“ уште од моите студентски денови, од 1993 година. Ние како најзаинтересирана општина никако да го дочекаме тој ден. И затоа довербата кај населението дека тоа ќе се случи е на најниско ниво…
-Поради тој факт денес довербата кај нашето население дека ќе го дочекаме денот на отворањето на Клепало е на најниско ниво. Едноставо, луѓето не сакаат да веруваат во нешто што им се кажувало дека е веќе готова работа, а никако да се случи. Но, во сегашниот случај бидејќи зад најновиот проект со свои финансиски средства стои Европската унија нашата надеж е нешто поголема. А за општина Берово и за овој крај преминот Клепало значи живот. Тој е нашата излезна порта кон Европа, услов за позабрзан туристички, индустриски, трговски и секаков друг развој. На туристички план ќе дојде до поврзување на нашиот планински со бањскиот туризам во Бугарија но и во сите други сегменти ќе имаме силен бенефит за нашиот развој, ни рече Пекевски.
Пишува: Иван Бојаџиски