Виница ја повторува постапката за формирање Локален младински совет, пред 18 месеци младите покажаа голема незаинтересираност
Виница, 29.03.2024
Младите од Општина Виница пред 1,5 година покажаа голема незаинтересираност за членување во локалниот младински совет поради што постапката се повторува во надеж дека таа сега ќе успее.
Недоволниот интерес меѓу младите е главната причина поради која на локално ниво досега нема институционално тело кое ќе се грижи за прашањата и проблемите што ги засегаат, како и за подобрување на квалитетот на животот на оваа група граѓани.
Општината направи измена во својот Статут, со која меѓу другото е предвидено Локалниот младински совет да биде составен од пет члена, со мандат од две години и право на еден реизбор.
-Наша обврска е да го формираме општинското младинско тело, но во претходниот период немаше заинтересираност меѓу младите да се вклучат во активностите. Поради тоа не беше завршена постапката, но сега се јавува интерес кај млади луѓе кои сакаат да учествуваат. Обврска на Општината е да објави јавен повик за повторно почнување на постапката, односно за формирање иницијативен одбор кој ќе организира одржување на Собрание на млади, истакна Гоце Алексов, секретар на Општина Виница.
Во втората фаза по формирањето на Младинскиот совет ќе се дефинираат одредби како тој ќе функционира, колкав број и кои групи и профили на млади ќе влезат во неговиот состав, како и актуелните прашања што ќе треба да се решаваат.
Со оформувањето на Локалниот младински совет ќе се исполнат дел од утврдените цели и приоритети со Националната стратегија за млади и Законот за младинско учество и младински политики.