Делчево, 30.05.2025
Денес од печат излезе најновата книга на писателот и афористичар Миле Ѓорѓијоски од Делчево. Книгата носи наслов „Римувани драми“ (епиграми) , а нејзин издавач е Пијанечки Глас.
Рецензент на книгата е црногорскиот книжевник Владислав Влаховиќ, а преводот на македонски јазик е на Чедомир Б. Шопкиќ. Во продолжение ја донесуваме во целост рецензијата на Влаховиќ:
-Збирката епиграми „РИМУВАНИ ДРАМИ“ на познатиот и признат писател и сатиричар во регионот Миле Ѓорѓијоски е нов оригинален творечки блесок, досега сè уште неопфатен во опусот на овој познат автор, кој со својот стил, творечка моќ и совршена форма на изразување неколку децении ги „поместува границите на нашите очекувања“ враќајќи ја надежта дека со сатирата не е завршено, бидејќи сатиричарите со децении се „разоружуваат“ од т.н. јавни работници, кои со своите чести „неартикулирани егзалтации (може да го ставиш и нашиот збор воздигнувања“ со децении ја задоволуваат потребата на луѓето за комичното, а особено за трагикомичното.
По којзнае кој пат ни се случи новиот творечки блесок кој ја распретува рамнодушноста, нè исполнува со надеж и заигрува во срцето, раѓајќи го верувањето дека можеби некаде сè уште постојат оние исконски човечки доблести, кои воспеваат нешто различно од она што ни се сервира, за уште еднаш да се почувствуваат како суштества кои веруваат дека светот можеби може да го спасат некои волшебни зборови или „над зборови“, кои разоткривајќи го злото го воскреснуваат она за што сепак вреди да се живее, иако можеби тоа одамна го нема.
Навистина, само моќна уметничка имагинација и творечка зрелост можат да го постигнат тоа со совршено избрусени реченици, како што е случајот во оваа збирка, каде што секој од над 240-те епиграми е еднаков на епитаф, на некаква општествена или човечка аномалија, на глупоста, злобата, ограничувањето, алчноста, бесчувствителноста, на одвратни лаги и на секој друг свесен и несвесен ќорсокак и откажување.
По дваесет и една авторска книга со афоризми, афоризми за деца, приказни, комедии и осврти и 18 приредени книги, вклучувајќи ги и оние од современо антологиско значење, појавата на првата збирка епиграми не само што придонесе за проширување на опусот на овој исклучително плоден и вреден творец, туку и дополнително ги потврди високите уметнички хоризонти кон кои се стреми, поместувајќи ги границите на убавината на уметничкиот израз и во оваа книжевна форма.
Авторот од сенката на немиот набљудувач, своите реченици ги пишува ненаметливо, но јасно, не оставајќи му на заборавот ниту шум, а уште помалку глас, темелно и сеопфатно, како да гради врски меѓу непремостливите брегови, барајќи „скриени клучеви“ за мистериозни брави, давајќи му можност на читателот да се определи ѝ според авторот, но и според неговите невидливи херои, вешто скриени зад сеприсутната општост.
На тој начин со леснотија ги разоткрива злото и баналностите на денешното постоење вткаени во „тајните лавиринти на нашите животи“, вешто држејќи го читателот на безбедна дистанца од помислата за безизлез, но и од каков било вид класификацирање, особено од обидите да му се „одземе правото на времето за сè да суди “.
Навистина, восхитувачки делува широчината на опсервираните поими, теми и појави, како и начинот на кој врз нив е сумиран критичкиот осврт, така што во некои случаи може да ги доживееме како „мини-есеи“, но секако и како епитафи на многу човечки особини и предиспозиции, според кои луѓето се делат на оние кои со тоа се гордеат и на оние кои од тоа се срамат.
Ѓорѓијоски на тој начин ги овековечи, не само настаните, туку и оние поими и појави судбински поврзани со нас и нашето време, овојпат со мистериозна рамнодушност и своевидно помирување, за разлика од начинот на кој тоа порано го правел во неговите остри, но и брилијантни афоризми
Честопати овие епиграми изгледаат како да се наменети за некој нов „критички не анестезиран“ и поинаков читател, кој без ронка носталгија, од дистанца, веројатно порамнодушно ќе го набљудува нашето време, низ очила кои помалку ја искривуваат реалноста, но и не го аболицираат минатото.
За нас не е изненадување што оваа збирка содржи повеќе од 240 епиграми, туку тоа што во неа се обработени ни помалку ни повеќе туку човечки карактери, кои ни го загадија нашето постоење, со лажна семоќ и сеприсутност, за ние сето време да се сомневавме дека постојат, или бевме убедени дека ги има барем помалку!?
Творечкото изразување на авторот се потпира врз моќта на неискажаното, мистериозноста на „подотворената врата“ и моќта на насетеното, како и врз рефлексот на внатрешното доживување, со што ја реинкарнира енергијата создадена од „дослухот со своето време“, будејќи ја мечтата на себе својствен начин, комуницирајќи со реалното и нереалното, најчесто во себе самиот.
На тој начин, авторот го постигна „неприкосновеното творечко право“ на „немушт јазик“ да комуницира и со современиот читател најчесто уморен од сознанието „да е добро и само да не е полошо“, навикнат на „елегантно пропаѓање“ како ново „духовно обележје“ прикриено во запрепастениот денешен човек, во неговите бледи надежи, во очигледното време на безнадежност.
Меѓуота, Ѓорѓијоски вешто ги избегнува замките на метафизичката фасцинација со вечните и неисцрпни теми за смислата и бесмисленоста на живеењето, борбата на животот и смртта, доброто и злото, правдата и неправдата, лагите и вистината, светлината и темнината…
Дури и кога, барем навидум, при уметничкото доловување на одредени поими, или „антидоблести“, понекогаш оди во таа насока, но брзо се враќа на патот на реалното набљудување со уште подоминантна внатрешна сила и уметничка визија, навидум. затворајќи ја „подотворената врата на метафизичката имагинација“.
Читајќи ја оваа збирка добиваме впечаток како повторно да живееме некои неповторливи моменти од времето во кое „темелно сме пропаѓале“ наместо достоинствено да сме живееле и старееле.
Кмнигата-збирка епиграми толку живописно прикажува многубројни настани и појави во кои ние најчесто неволно учествувавме, поради кои рака на срце би било фер да се засрамиме, барем поради сеќавањето на некои „внатрешни пресврти“, кои ни ги враќаат сликите на уривањето на тој „појдовен камен“ на човечкото достоинство, особено ако сè уште не сме подготвени да се запрашаме „што правевме сето тоа време“.
Затоа, овие епиграми можеме „со сеќавање да ги оживееме“ и „со срце да ги пребираме“, бидејќи ни нудат добра можност да избереме валиден епитаф за залудно изгубеното време и за лагите во кои очигледно, барем малку, сè уште веруваме.
Сигурен сум дека не претерувам, ако кажам дека со оваа збирка авторот, кој веќе одамна со големи букви е запишан во списокот на најплодни и најзабележителни сатиричари, не само на Македонија, туку и на поранешните Ју. простори, дополнително ја потврдува својата завидна творечка позиција, иако е свесен дека со оваа збирка, како и со своите претходни брилијантни книжевни достигнувања, себеси се запишува во списокот на „непопишани жртви“, во времето во кое многумина ни го згрозија животот кои се заколнаа дека слепо ќе нè водат, најчесто водејќи не, како да сме и ние и тие слепци.
Поради сето наведено, збирката епиграми „Римувани драми“ на авторот Миле Ѓорѓијоски, со особено задоволство и творечка одговорност, ја препорачувам на секој читател, а особено на љубителите на хумористично-сатиричната литература и на реномираниот издавач, но и на сериозната книжевна критика,, која е способна да ѝ одолее на сеприсутната „самоцензура“.
Инаку, кориците на книгата се на Ангел Болиган карикатурист од Мексико, илустрациите ги направи Панде Петровски, графичкиот дизајн р на Ласко Џуровски додек избор на епиграмите го направи Христина Деолска. Предговорот го напиша Љупчо Јолевски, а освртите ги напишаа професор доктор Катерина Тодоровска, Добрила Грашеска и Милијана Павловска
Лектор на книгата е Љубинка Ајтовска, компјутерската подготовка на Никола Симовски, книгата е печатена во печатница Обликовна, Скопје