Терор Македонија

Штип, 26.04.2017

  • ВМРО ДПМНЕ реши да ги прекрши сите демократски пишани и непишани правила. Се одлучи да ја тероризира државата. Изнаоѓа разни изговори за својата недемократска политика не можејќи да се помири со тоа дека повеќе не е власт…
Пишува: Иван Бојаџиски
Пишува: Иван Бојаџиски

Македонија е во тешко заложништво на партијата ВМРО ДПМНЕ. Која не сака по никоја цена да се откаже од власта. Како да е тоа некоја дедовина пренесувана од колено на колено. Како власта да е е дадена еднаш и засекогаш.

На предвремените парламентарни избори граѓаните донесоа нова одлука. Раскинаа со старата и си избраа нова власт. Тоа е демократско право. Право на слободен избор на слободни луѓе. Не е и не може да биде демократија ако со сила сакаш да ја промениш народната воља. Ако сакаш да го суспендираш правото на слободата на граѓаните да избираат и да бидат избирани. Ако си бараш мал милион глупи изговори за изборниот пораз. Ако навреме не си сватил дека по секоја победа неминовно следи пораз. Насекаде, а посебно во политиката.

СДСМ со партии со кои подели исти демократски вредности обезбеди мнозинство од 67 пратеници. Тоа во секоја нормално уредена држава ќе значеше јавни честитки и подадена рака од политичкиот противник. И негово повлекување во опозиција.

Но ВМРО ДПМНЕ реши да ги прекрши сите демократски пишани и непишани правила. Се одлучи да ја тероризира државата. Изнаоѓа разни изговори за својата недемократска политика. Се нешто му смета. Денес е тоа тнр. „Тиранска платформа“, утре може да биде зато во Штип дува посилен ветер отколку, да речам во Битола. Кога си бараш алиби за политичкиот пораз ништо не ти е свето. Државата најмалку.

Тоа не е ништо друго туку акт против целокупноста на државните интереси. Зашто партијата која 11 години владе со Република Македонија, со едно такво однесување прави непоправливи штети за државата. Економијата одвај некако живурка. А од неа сите чекаат пари, живот. Земјоделците се пред колапс. Младите чаре гледаат во Бугарските пасоши и лет во една насока. Здравството е пред распад, лекарите како посебна драгоценост на секое општество, во слободно време, читаат огласи за вработување во некоја Европска земја. Новинарството никогаш не било на пониски гранки, интелектуалците фатени во стапицата на политичкиот господар голтат кнедли и одработуваат за партијата која најдобро ги плаќа нивните „услуги“. Во спортот, ако некаде сме претпоследни, тоа се доживува како успех за восклик!

Голема партија која не умее да прифати пораз и не е нешто за почит. Победите и поразите се составен дел на секоја политика. Партиите кои имат умни водачи добро знаат дека од првиот ден кога ќе ја освојат власта мора да се подготвуваат за опозиција. Зашто никој не останал вечен. Тоа не е и нема да биде ниту вемерето, иако некои негови првенци, во некои поранашни времиња, говореа дека оваа партија ќе владеела сто години што. Што, всушност, беше искажување на сто глупости во една реченица.

Најдоброто нешто кое вемерето може да го направи за државата е да се повлече во опозиција. Одтаму да биде силен и аргументиран контролор на владеачката коалиција. И да си го чека денот кога доминантниот дел од народот повторно ќе и верува. Се друго е акт на насилство против демократијата и слободната воља на граѓаните.

Партија која вистински си ја сака државата и народот не може и не смее на ваков начин да ги тероризира. Затоа, дајте, пуштете ја Македонија да живее. Да дише слободно. Да се радува и развива. И подготвувајте се за некои нови избори. Зашто и новите кои ја добија милоста на народот да ја водат државата во најмлаку следните четири години, еден ден ќе мора да ја предадат власта.

Тоа ви е демократија. Ако тоа не сте го научиле тогаш тоа е ваш проблем. Не правете го тоа да биде и проблем на Македонија. Ако вистински, а не само декларативно и oд чисто себични причини ја сакате.

 

 

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе