Штип, 24.06.2024
Новата влада наесен ургентно ќе продолжи со изградбата на Клиничките болница во Штип како и со болницата во Кичево. Премиерот Мицкоски при денешната посета на Штип изјави дека тендерот за Клиничката болница Штип е подготвен и ќе биде завршен за два до три месеци,
Мицкоски денес беше во посета на штипската болница заедно со министерот за здравство Арбен Таравари и притоа порача дека изградбата на болниците е заедничко ветување на Владата, и тие ќе имаат приоритет.
– И двете болници фуриозно, уште на самиот почеток, ќе треба да отпочнат со градба. Тендерот е подготвен, се чека мислење од Министерството за финансии. На пат кон Скопје ќе разговарам со новата министерка за финансии, Димитриевска-Кочовска и овој процес да отпочне. Веднаш да го објавиме тендерот и во наредните два-три месеци да биде завршен и наесен да започнеме со градежни активности на болницата, најави премиерот.
За премиерот Мицкоски Клиничката болница Штип, е споменик на едно лошо време на една од најнеуспешните влади на СДСМ и ДУИ. –„Болницата во Штип требаше да биде изградена за две-три години, но работите на неа од 2017 година наваму не се мрднати“, нагласи Мицкоски.
– За да докажеме дека се она што го зборувавме ќе биде применето и на дело ние мора да имаме брз и енергичен старт. Вакви проекти ние мора да имаме секојдневно и во сите наши градови, односно насекаде низ Македонија, затоа што само така ќе „покажеме дека гласот на над 600 илјади граѓани кои го дадоа за Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Коалицијата Вреди и ЗНАМ нуди надеж“, рече премиерот.
Министерот за здравство Арбен Таравари, нагласи дека во заедничката владина програма е зацртано да се работи на регионализација на здравството, и притоа рече дека новата Клиничка болница во Штип е дел од таквиот концепт.
– За жал од 2017 година, кога бев 100 дена министер не сум ја посетил Клиничката болница во изградба во Штип,а денес гледам дека ништо не е сменето. Се надевам дека многу брзо процедурата ќе може да се објави и да започнат повторно работите на Клиничката болница, рече Таравари.