Иван Јорданов, ќе биде единствениот кандидат во анкетатата на ВМРО ДПМНЕ за нов градоначалнички мандат на Штип

Штип, 16.02.2025

Во општините кои имаат од 15.000 до 50.000 жители ВМРО ДПМНЕ, со одлука на Извршниот комитет на партијата ќе прави анкетно истражување за тоа кои кандидати се најприфатливи за народот за градначалник на соодветната општина. На анкетираните ќе им бидат предложени по максимум четири имиња, а оној кој ќе добие најголема доверба ќе се најде во финишот на изборната трка за татко на општината. Штип е во оваа категорија општини со нешто над 47.000 жители.

Но, во Штип ВМРО ДПМНЕ, во прашањето до граѓаните кои ќе бидат анкетирани, ќе има само едно име.

Тоа е Иван Јорданов, актуелниот градоначалник на Општина Штип.

-Иако Извршниот комитет на партијата има донесено одлука за поголем број на кандидати за градоначалник кои ќе одат на анектна проверка пред јавноста, Општинскиот комитет на Штип, на седница пред крајот на минатата година, со општ консензус, одлучи во процесот на анкетирање да има само едно име, а тоа е актуелниот градоначалник Иван Јорданов, ни изјави Душко Иванов, актуелен пратеник и претседател на Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ.

Според Иванов, сите анкети кои се правени во однос на есенските избори за нови локални власти јасно ја потврдиле популарноста на актуелниот градоначалник Иван Јорданов меѓу штипјани.

-Јорданов ќе биде нашиот кандидат за нов манда за прв граѓанин на Штип и општината, а сите наши анкетни истражувања кои сме ги правеле до сега, јасно уаптуваат на фактот дека тој убедливо ќе победи на есенски локални избори, без оглед на фактот која личност од другата политичка опција ќе му биде противкандидат, изјави Душко Иванов за istokpress.mk

Сосема е сигурно дека Јорданов ќе биде староновиот кандидат за градоначалник на Штип од редовите на ВМРО ДПМНЕ, а ако успее да победи на есенските локални избори тој, во 80 годишната слободарска историја на Општина Штип ќе  биде само втората личност која успеала да  врзе два мандата, односно осум години да ја врши највисоката општинска функција. Претходно, тоа му успеа само на Михаил Данев, кој беше претседател на Општина Штип (денес градоначалник) и најистакната политичка фигура во периодот 1974-1982 година.

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе