Маж прободен со нож кај берлинскиот Споменик на холокаустот, два дена пред клучните избори во Германија

Германската полиција уапси маж осомничен за нападот со нож на Споменикот на холокаустот во Берлин, во кој шпански турист беше тешко повреден.

Засега нема индикации за мотивот за нападот што се случил вчеравечер, два дена пред Германците да гласаат на национални избори, пренесува Гардијан.

Портпаролот на полицијата, Флоријан Нат, рече дека нападот се случил во 18 часот.

Речиси три часа подоцна, осомничен маж му пришол на полициски службеник кој бил дел од кордонот околу споменикот.

„Имаше крв на рацете и тоа го направи многу сомнителен“, изјави Нат.

Портпаролот кажа дека полицијата го уапсила мажот и го запленила оружјето од нападот.

Жртвата е идентификувана како 30-годишен Шпанец кој бил пренесен во болница.

Споменикот, кој е едно од најсветите места во германскиот главен град, го одбележува споменот на шест милиони Евреи убиени од нацистите за време на Втората светска војна.

Германската национална предизборна кампања, во која анкетите покажуваат дека екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (АФД) би можела да дојде на второто место за првпат по 90 години, беше нарушена со серија напади. Еден од нив беше напад со нож за кој обвинет е имигрант од Авганистан, што поттикна жестока дебата за миграцијата.

Вчера беше уапсен и 18-годишен етнички Чеченец под сомнение дека планирал напад врз израелската амбасада во Берлин, објави Билд.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе