Ердоган и Мицкоски говореле за Украина и за Палестина – односите меѓу Турција и Македонија силни како Камениот мост
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски денеска во Истанбул потпишаа декларација за формирање на Совет за соработка на највисоко ниво, што треба уште повеќе да ги продлабочи односите меѓу двете земји кои, според Ердоган, „веќе 30 години се силни колку што е силен Камениот мост во Скопје“.
Според турскиот претседател, на денешната средба со македонскиот премиер зборувале за многу теми, меѓу кои економска соработка, зголемување на трговската размена, безбедносната состојба на Балканот, но и светската политика.
Реџеп Таип Ердоган посочи оти со Христијан Мицкоски зборувале и за Украина и за Појасот Газа.
„Тука разменивме одредени мислења и за нас клучно е во Украина да се и натаму да се води разговор и по мировен пат да се разреши тој проблем. Понатаму, во Палестина имаме заедничко мислење да се формираат две држави“, рече Ердоган, според симултаниот превод од турски на македонски јазик.
Ердоган претходно изрази надеж дека ќе присуствува на првата средба на Советот за соработка на највисоко ниво која што, како што најави, ќе се одржи во Скопје.
„Трговските и економските односи помеѓу нашите земји мислиме дека можеме да ги подигнеме на уште повисоко ниво и денеска направивме многу значаен чекор во тој правец“, рече Ердоган.
Тој додаве оти минатата година двете земји имаа трговска размена од околу една милијарда долари која како што рече „во првата прилика мора да ја направиме двојно повисока“. Според Едроган, потребно е да се ревидира и Договорот за слободна трговија меѓу Македонија и Турција.
Турскиот претседател спомена дека со Мицкоски зборувале и за односите во областа на воената и одбранбената индустрија.
„Турција е една од првите земји која што ја призна независноста на Северна Македонија и наш соработник во НАТО. Ние сме две пријателски земји кои директно влијаат врз сочувувањето на мирот на Балканот. Нашите односи над 30 години се исто силни како што е силен и камениот мост во Скопје“, рече Ердоган.
Според него, на Балканот не треба да се гледа како место за конкуренција меѓу народите, напротив тоа треба да биде едно поле за заедничка соработка и за развој.
„Најзначајното нешто што ги врзува двете земји се Турците кои што живеат во Северна Македонија и нивната заедница. Тие од Анадолија мигрирале и дошле во Северна Македонија на таа територија и формирале свои темели кои што нè врзуваат денеска“, рече Ердоган додавајќи оти со Мицкоски говореле дека пријателството меѓу двете земји е под притисок на ФЕТО, против која мора заеднички да се борат.
Според премиерот Христијан Мицкоски, со Реџеп Таип Ердоган имале значајна и конструктивна средба, која што е потврда на традиционалното партнерство и стратешката соработка помеѓу двете земји.
Тој посочи оти се осврнале на продлабочување на билатералните односи во повеќе сфери со особен акцент на економската соработка, инвестициите и трговската размена.
„Да ги зголемиме турските инвестиции кај нас и да создадеме нови можности за македонските компании на турскиот пазар“, рече македонскиот премиер додавајќи оти има повеќе турски компании кај нас во делот на патната и железничката инфраструктира, а од неодамна е започната соработка и со турска компанија за инвестиции во изградба на когенеративни централи, топловодна и гасоводна мрежа во висина до една милијарда долари.
Како што посочи Мицкоски, двете земји се сојузнички во НАТО, а заеднички приоритет се стабилноста и безбедноста во регионот.
„Отворивме и теми за кои што претходно зборуваше претседателот Ердоган“, рече Мицкоски без да прецизира на што точно мисли.
Потпишавме Заедничка политичка декларација за основање на Совет за соработка на највисоко ниво. Значаен чекор а основите се содржани во документот Стратегија за зајакнување на билатералните односи меѓу Македонија и Турција потпишан уште во 2008 година.
„Целта на Советот е продлабочување и интензивирање на соработката во сите области од заеднички интерес, на билатерално, регионално и глобално ниво“, рече Мицкоски.
Како што посочи тој, „турската заедница е лојален дел од македонското општество исто како што македонската заедница во Тукрије е значаен дел во развојот на турската држава“.
Мицкоски додаде оти во претседателот Ердоган гледа голем поддржувач и пријател.
„Неговото минато, исто како и минатото на Турција, се поврзува со мојата татковина. Ова е добра прилика да кажам дека тој е секогаш добредојден во Скопје, Охрид и било кое место кај нас и се надевам дека тоа ќе го стори многу скоро“, рече премиерот.