Повторното судење за пожарот во модуларната болница: Една и пол година затвор за Бесими и Етеми, Тетовската болница казнета со 1 милион денари
Поранешниот медицински директор на Тетовската болница, Флорин Бесими, и поранешниот економски директор, Артан Етеми, се осудени на 1 година и 6 месеци затвор, а пак Тетовската болница е казнета со парична казна од 1 милион денари. Ова е одлуката што ја објави Тетовскиот суд на повторното судење за пожарот во модуларната болница во Тетово каде што животот го изгубија 14 лица, во кое што на обвинетите не им се судеше за причините за пожарот, туку за други кривични дела, пишува Порталб.мк.
За разлика од првата пресуда, кога казната беше исто така 1 година и шест месеци условна казна затвор, овој пат казната не е условна.
Тетовската болница пак доби казна од 1 милион денари, која мора да ја плати во рок од 30 дена откако одлуката ќе стане правосилна.
„Флорин Бесими и Артан Етеми се виновни за сторено кривично дело „тешки кривични дела против јавната безбедност“ според член 292 став 4 во врска со член 288 став 4 во врска со став 2 во врска со член 22 од Кривичниот законик. Правното лице ЈЗУ Клиничка болница Тетово е одговорно за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“ според член 288 став 5 во врска со став 4 и во врска со став 2 од Кривичниот законик… Судот ги осудува Флорин Бесими и Артан Етеми на ефективна затворска казна од една година и шест месеци… Судот ја казнува Тетовската болница со парична казна од еден милион денари што треба да се плати 30 дена по правосилноста на одлуката“, беше кажано при читањето на пресудата.
Артан Етеми и неговиот адвокат беа отсутни од судницата за време на објавувањето на одлуката на судот. Обвинетите не беа судени за причините за пожарот, туку за други кривични дела, како што е неинсталирањето на противпожарни апарати.
Бесими и Етеми беа прогласени за виновни за кривичното дело „Тешки кривични дела против јавната безбедност“, а ЈЗУ Клиничка болница Тетово беше прогласена за виновна за кривичното дело „Предизвикување општа опасност“.
Случајот се врати на повторно судење откако Апелациониот суд во Гостивар го врати предметот во Основниот суд во Тетово.
Флорин Бесими рече дека ова судење немало за цел да ја открие вистината за оваа трагедија, да ги открие причините за пожарот, ниту одговорните за изградбата на објектот кој изгорел како хартија, ниту пак се испитувало кој дозволил животите на тие луѓе да бидат ставени во опасност.
„Не. Ова судење се претвори во игра на обвинувања против оние кои немаа ниту моќ, а ниту одговорност за оваа трагедија. Мене ме обвинија за недостаток на противпожарни апарати, но јас бев целосно против овој објект и одбив да го прифатам објектот иако сведоците потврдија дека имало противпожарни апарати, иако сите го видовме тоа со свои очи – дека ниту еден рачен апарат за гаснење не би го изгасил тој пожар! Ова не е правда. Ова е отстапување од вистината“, рече Бесими.
Тој рече дека ќе ја обжали одлуката.
Адвокатот на Тетовската болница, Валон Абудлхамиди, оцени дека оваа одлука е последица на погрешното утврдување на фактичката состојба и погрешното толкување на одредбите од Законот за кривична постапка и Кривичниот законик.
„Ќе поднесеме жалба против оваа одлука до Апелациониот суд и очекуваме тој да донесе мериторна одлука”, рече Абдулхамиди.
Семејствата на жртвите од пожарот не се задоволни од оваа пресуда, тие бараат судска постапка каде што ќе бидат повикани на одговорност вистинските виновници за причините за пожарот, кои според нив се познати за јавноста.
Мумин Исмаили кој во пожарот ја загуби својата мајка рече дека не се задоволни од оваа одлука донесена од судот, и како што рече, ако направите едноставна математика и ја поделите, 14 жртви за 1 година и шест месеци, излегува дека за една жртва добиле по еден месец затвор.
„Значи вредноста на еден граѓанин во Северна Македонија е 1 месец. Пред судот требаше да се појават и поранешниот министер за здравство Филипче и Анѓушев од компанијата „Брако“, кои ја извршија електричната инсталација во модуларната болница. Тие треба да бидат виновниците за оваа трагедија, но државата одлучи дека Флорин Бесими и Артан Етеми треба да бидат осудени, не велам дека ни тие не се виновни, но вината е на повисоко ниво“, рече Исмаили.
И Ибин Емши, кој ги загуби таткото и братот, исто така рече дека не се задоволни од овој судски процес.
„Се чувствувам посрамотен сега кога го напуштам судот, за 14 лица кои починаа да бидат осудени на 1 година и 6 месеци. Не знам ни самиот што да кажам. Ова не е место за живеење, оваа држава никогаш нема да ја биде. Тие не ја земаат предвид експертизата на Германија, сè додека ова не се земе како основа, ова не може да продолжи. Јас лично ќе поднесам обвинение против целата држава со доказите од документарецот на ИРЛ и ќе се обидам да влезам во Стразбур“, рече Емши.
Роднините најавија дека ќе продолжат да бараат правда за животите на нивните роднини изгубени во пожарот.
Во меѓувреме, Обвинителството за организиран криминал и корупција води уште една истрага за овој случај, кој сè уште е во предистражна постапка.
Повторно судење со девет рочишта
На 12 мај 2025 година беа кажани завршните зборови.
На 22 април 2025 година беа презентирани исказите дадени од сведоците на прелиминарното судење.
На 8 април 2025 година се прочитаа доказите од страна на адвокатите на обвинетите лица.
На 3 април 2025 година јавните обвинители ги презентираа доказите, а обвинителството и одбраната на обвинетите ги испрашуваа вештаците кои го спроведоа вештачењето веднаш по пожарот.
На 18 март 2025 година обвинителството ги презентираше насловите на доказите и ги презентираше видео доказите, на што имаше приговори од адвокатите, обвинетите изјавија дека не се чувствуваат виновни. Од ова рошиште беше сменет судијата, на местото на Јордан Велковски беше поставен Реџеп Муса.
На 15 јануари 2025 година рочиштето се одложи поради тоа што судијата Јордан Велковски беше на боледување.
На 5 ноември 2024 година рочиштето се одложи поради отсуство на судијата Јордан Велковски.
На 25 септември 2024 година рочиштето не се одржа поради отсуството на адвокатот на еден од обвинетите.
На 26 јуни 2024 година рочиштето се одложи поради отсуството на претставниците не Тетовската Клиничка Болница.
Зошто дојде до повторно судење?
По првото судење во Тетовскиот суд, кое заврши во јуни 2023 година, каде што обвинети беа поранешниот медицински директор на Тетовската болница и поранешниот економски директор, лекарот одговорен за Ковид-центарот и Тетовската болница, Апелациониот суд во Гостивар во мај 2024 година одлучи да ја врати од почеток постапката против директорите, бидејќи првата пресуда беше нејасна.
Обвинителството побара директорите да добијат построги казни, а ослободителната пресуда за лекарот да се поништи и предметот да се врати на повторни судење.
Дел од предметот против двајца поранешни директори на тетовската болница беше вратен на повторно судење. Во меѓувреме, ослободителната пресуда за лекарот Бобан Вучевски беше потврдена и од Апелациониот суд во Гостивар.
Апелациониот суд во својата пресуда нагласи дека Тетовскиот суд „не постапил со должно внимание за да може сигурно да ги утврди сите релевантни правни факти“.
„Пресудата е нејасна, неразбирлива и несоодветна за разгледување“, се наведува во одлуката на Апелациониот суд.
Првото судење, не за причините за пожарот
За пожарот во модуларната болница имаше еден долг судски процес со неколку рочишта, но никој не беше повикан на одговорност за причините за пожарот, туку за други кривични дела.
Поранешниот медицински директор на Тетовската болница и поранешниот економски директор беа осудени на 1 година и 6 месеци условна казна затвор, што значи дека нема да бидат ја отслужат казната ако не сторат ново кривично дело во рок од 3 години. Лекарот одговорен за Ковид-центарот беше ослободен од обвиненијата. А Тетовската болница доби казна од 1 милион денари.
Директорите беа осудени во прв степен затоа што во модуларната болница немало противпожарни апарати, а лекарот беше ослободен од одговорност за тоа што во болницата за Ковид-19 внел луѓе однадвор.
Обвинителството поднесе обвинение бидејќи немало противпожарни апарати, но не и за причините за пожарот.
Документарецот на ИРЛ ги извади на површина пропустите Документарецот „Убиство во Тетово“, кој IRL го објави во август 2023 година, покажа на низа пропусти за време на изградбата на модуларната болница што доведоа до пожарот, иако властите се обидоа да го опишат како несреќа предизвикана од краток спој во продолжниот кабел. Пропусти беа констатирани и во техничката спецификација, во изградбата, но и подоцна во самата истрага. Наместо како градба, болницата е евидентирана како урбана опрема, која не мора да биде во согласност со законот за градба.
Што се случи?
На 8 септември 2021 година во модуларната болница во Тетово, каде што се лекуваа пациенти со Ковид-19, избувна страшен пожар при која животот го изгубија 14 пациенти, како и членови на семејствата што се наоѓаа внатре. 14 лица беа спасени пред зградата целосно да изгори.
Причината за пожарот се припишува на изгорен кабел, при што пожарот предизвикан од искрите при спојот се проширил со огромна брзина и за неколку минути целата болница била зафатена од пламени. Поради недостатокот на правда за пожарот во модуларната зграда, членовите на семејствата и граѓаните организираа неколку протести на кои што бараада се поведе судска постапка во врска со причините за пожарот.