Клековски: Формирана е работна група за следење на напредокот при лекувањето на пациентите од Кочани
Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување, на денешната владина прес-конференција изјави дека 12 повредени од пожарот во дискотеката „Пулс“ и натаму се лекуваат во болница, а седум од нив се во странство.
„Во моментот имаме 12 повредени на лекување во болница, од тоа 7 се во странство и 5 се во земјата. Од овие 12 повредени кои сè уште се лекуваат во болници, 1 сè уште е во, условно да кажам, тешка состојба. За едниот знам дека е на рехабилитација во Словенија. Од другите кои се третираат, имаме 16 на ПРП ПРЕКС третмани, тоа се плазма третмани, едниот е со збогатување со тромбоцити, другиот е без збогатување со тромбоцити. 6 на Клиниката за пластична хирургија и 10 во „Св. Наум Охридски“. На преврски и слични третмани имаме 38 повредени. На физикална терапија се 46 лица“, изјави Клековски.
Од вкупно 200 повредени, 187 биле регистрирани на болничко лекување, од кои 116 во странство, а 71 во Македонија.
Од петмината останати на лекување во Македонија, тројца се на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, тоа се пациенти кои се вратени од странство, и двајца се во „Аџибадем Систина“.
Клековски додаде дека е формирана работната група за мониторинг на напредокот на пациентите каде досега се оценети околу 160 повредени, а недостасуваат уште околу 15 повредени кои во моментот на достапноста на работната група не биле достапни во Кочани, но се во комуникација и ќе бидат вклучени.