Човекот што по грешка беше депортиран во Ел Салвадор, се врати во Америка да се соочи со обвинение

Килмар Абрего Гарсија, човекот кој администрацијата на Доналд Трамп погрешно го депортираше од Мериленд во Ел Салвадор во март, се врати во САД во петокот за да се соочи со кривични обвиненија, пишува Гардијан. 

На брифинг за медиумите во петокот, американската државна обвинителка, Пам Бонди, изјави дека Абрего Гарсија е обвинет за нелегално шверцување недокументирани лица, како и за заговор за извршување на тој криминал.

„Нашата влада му достави на Ел Салвадор налог за апсење и тие се согласија да го вратат во нашата земја“, рече Бонди за Абрего Гарсија. Таа му се заблагодари на претседателот на Салвадор, Наиб Букеле, „што се согласи да го врати во нашата земја за да се соочи со овие многу сериозни обвиненија“.

Абрего Гарсија, 29-годишен маж чија сопруга и мало дете во Мериленд се американски државјани – се појави пред федералниот суд во Нешвил во петокот.

Неговото сослушување е закажано за 13 јуни, а дотогаш, тој ќе остане во федерален притвор.

Во петокот, адвокатот на Абрего Гарсија, Симон Сандовал-Мошенберг, ја обвини администрацијата на Трамп дека го „исчезнала“ неговиот клиент „во странски затвор со кршење на судска наредба“.

„Сега, по месеци одложување и тајност, го враќаат, не за да ја исправат својата грешка, туку за да го гонат. Ова покажува дека тие цело време си играле игри со судот. Правилната постапка значи можност да се одбраните пред да бидете казнети – не потоа,“ рече тој.

Сандовал-Мошенберг рече дека третманот на Белата куќа кон неговиот клиент е „злоупотреба на моќ, а не правда“. Тој повика Абрего Гарсија да се соочи со истиот судија за имиграција кој претходно му издал федерална наредба за заштита од депортација во Ел Салвадор „за да се осигури дека неговиот случај ќе се води како што би се постапувало доколку не бил неправилно испратен таму“.

Бонди во петокот тврдеше дека федералните пороти утврдиле дека Абрего Гарсија „играл значајна улога“ во мрежа за злоупотреба на шверц која работела речиси една деценија.

Доколку биде осуден, Абрего Гарсија ќе биде депортиран во Ел Салвадор откако ќе ја отслужи казната во САД.

Според обвинението, Абрего Гарсија соработувал со најмалку пет соучесници за нелегално внесување имигранти во Соединетите Држави, а потоа ги транспортирал од границата меѓу САД и Мексико до други дестинации во земјата.

Во обвинението се тврди и дека Абрего Гарсија превезувал огнено оружје и дрога.

Сандовал-Мошенберг ги нарече кривичните обвиненија „измислени“ .

„Сето ова се базира на изјавите на поединци кои моментално се кривично гонети или се во федерален затвор. Сакам да знам што им понудиле на тие луѓе.“ рече тој.

Абрего Гарсија влегол во САД без дозвола во 2011 година, додека бегал од насилство на бандите во Ел Салвадор.

И покрај судската наредба со која се спречи неговата депортација во Ел Салвадор, на 15 март, службениците на американската Служба за имиграција и царина (Ice) го депортираа во Ел Салвадор откако го уапсија во Мериленд.

Тој беше задржан во таканаречениот Центар за тероризам, контроверзен мега-затвор попознат како Секот.

Администрацијата на Трамп подоцна призна дека депортацијата на Абрего Гарсија била „административна грешка“ . Но, таа постојано го прикажуваше како член на бандата MS-13 на телевизија – тврдење кое неговата сопруга, државјанка на САД, и неговите адвокати категорично го отфрлаат.

Абрего Гарсија, исто така, немал криминално досие во САД пред обвинението објавено во петокот, покажуваат судските документи.

На 4 април, федералната судијка Паула Ксинис ѝ нареди на администрацијата на Трамп да го „олесни и спроведе“ враќањето на Абрего Гарсија од Ел Салвадор, откако неговото семејство поднесе тужба како одговор на неговата депортација.

Врховниот суд едногласно ја потврди наредбата на Ксинис една недела подоцна. Во непотпишана одлука, судот рече дека одлуката на Ксинис „соодветно бара од владата да го „олесни“ ослободувањето на Абрего Гарсија од притвор во Ел Салвадор и да обезбеди неговиот случај да се води како што би се одвивал доколку не бил неправилно испратен во Ел Салвадор“.

Во петокот, американскиот сенатор Крис Ван Холен од Мериленд изјави дека администрацијата на Трамп „конечно попуштила“ пред неговото барање да му овозможи на Абрего правична постапка.

„Не станува збор за човекот. Станува збор за неговите уставни права – и за правата на сите.“ рече Ван Холен, кој го посети Абрего Гарсија во Ел Салвадор во април.

 

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press