Летот AI171 на авиокомпанијата Ер Индија, кој полетал од индискиот град Ахмедабад кон Лондон, се сруши само 30 секунди по полетувањето, при што загинаа 241 лице во авионот и неколку на земја. Сè уште не се познати точните причини за несреќата, но индиските власти започнаа истрага во соработка со експерти од САД и Велика Британија, пишува Би-Би-Си.
Авионот Боинг 787-8 Дримлајнер, управуван од искусни пилоти, веднаш по полетувањето испратил сигнал за итен случај („mayday“) и не успеал да добие доволна височина. Единствениот преживеан патник изјавил дека слушнал гласна експлозија пред авионот да се урне врз станбени згради.
Меѓу можните причини се разгледуваат откажување на двата мотори, удар од птици, чест проблем на аеродромот во Ахмедабад или човечка грешка поврзана со закрилцата на авионот, кои имаат клучна улога при полетување. Снимки од надзорни камери покажуваат дека авионот не успеал да се искачи над 200 метри.
Производителот на моторите ЏЕ Аероспејс и компанијата Боинг веќе испратија тимови во Индија. Од „црната кутија“ и остатоците од авионот ќе се бараат клучните податоци за да се утврди што точно ја предизвикало несреќата, прва фатална за овој тип авион од 2011 година.