Штип, 25.05.2017
Од штабот за замајување на јавноста на градоначалникот со изминат рок на траење Илчо Захариев, денес беа лиферувани неверојатни вести. Имено, од кабинетот на Илчо беше соопштено дека тоа што новинарите, порталите, фејсбук посветените граѓани кои сакаат да живеат во нормален град со нормален градоначалник и исто таква локална власт го објавиле на интернет во однос на распадот на улиците после дoждот кој падна во вторникот навечер, не било точно.
А ние денес, за аргументирано да продолжиме со објава на импровизациите при „уредувањето“ на градот од градоначалникот со изминат рок на траење и неговата екипа во која цвеќар раководи со општинската градежна фирма „Стипион“, донесува фото прилог од улица која беше „асфалтирана“ пред само некој месец. Фотографиите се од улицата спроти управната зграда на ЕВН. Од нив јасно се гледа дека улицата е „модернизиранa“ согласно филозофијата „да држи вода додека Илчо не си оди“, па согласно таквата филозофија на еден потег од 50 метри целиот асфалт е ископан, а под него излегол песокот.
Едната од сликите е од земјениот пат кој од гробиштата води кон реонот „Плуждино“ во кој реон има над 270 викенд куќи, што значи дека е едно од трите најголеми „села“ во општината. Во овој реон „Стипион“ ги всели своите машини во некогашните воени бараки, па сега неговата тешка механизација секојдневно го оштетува патот и жителите од овој крај мака мачат да стигнат дома.
Мештаните беа собрале пеесетина потписи со барање патот да биде асфалтиран бидејќи локалната власт асвалтира патишта во села каде живеат двајца без тројца, а и овие луѓе од реонот Плуждино плаќаат даноци. Им беше ветено дека асфалтот ќе стигне во месец април, но досега ништо од тоа.
Иван Бојаџиски