Лефков: Бугарски служби шират дезинформации против Мицкоски и Владата

Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, денеска обвини за постоење на „координирана операција за дискредитација“ насочена против Владата, премиерот Христијан Мицкоски и Република Македонија, наводно оркестрирана од бугарски служби и медиуми, со поддршка од опозициската СДСМ. Лефков тврди дека операцијата се води преку мрежа од бугарски портали и т.н. „mushroom“ веб-страници кои ширеле дезинформации и лаги со цел да ја дестабилизираат македонската Влада.

„Оваа операција се спроведува со употреба на класични хибридни методи: ширење лажни информации, конструирани афери, фабрикувани документи, лични и семејни дискредитации, и злоупотреба на човечки трагедии и економски инсинуации“, изјави Лефков, наведувајќи ги порталите Tribune.bg, Lupa.bg, Epicenter.bg и Pogled.info како дел од наводната мрежа.

Според него, активностите се интензивирале по, како што рече, „поразите на бугарската дипломатија во европските институции“ и се мотивирани од реваншизам и политичка немоќ.

Лефков се повика и на претходни анализи од DFRLab (Digital Forensic Research Lab), кои укажувале на постоење на бугарска мрежа за ширење антизападни и антимакедонски наративи. Тие, според него, функционирале преку субдомени и синхронизирани Фејсбук страници и дел од тие содржини, како што рече, завршувале и во македонски портали блиски до СДСМ, па дури и во традиционални медиуми.

„Ова не е борба против една партија, ова е напад врз македонскиот идентитет, врз суверенитетот и врз правото на самостојна надворешна политика,“ изјави Лефков, додавајќи дека дел од домашните политички актери дејствувале како „платформа за бугарските интереси“, наведувајќи ги Димитар Апасиев и Андреј Жерновски како примери.

На овие обвинувања остро реагираше СДСМ, обвинувајќи ја ВМРО-ДПМНЕ за „параноја“ и „измислени теории на заговор“, со кои, според нив, се обидува да го дефокусира вниманието од скандалите и политичките неуспеси.

„Жолтите комбиња од времето на Груевски се вратија! Секој пат кога ВМРО-ДПМНЕ ќе се соочи со дебакл или скандал, измислува непостоечки заговори“, стои во писмениот одговор од СДСМ.

Оттаму велат дека токму ВМРО-ДПМНЕ и нејзини функционери, како Тимчо Муцунски, се тие што ѝ нанеле штета на државата и го блокирале европскиот пат.

„Македонија не е филм, туку држава со реални проблеми и граѓани што бараат решенија, а не сценарија на апсурд,“ порача СДСМ, додавајќи дека граѓаните нема да поверуваат во „будалаштини“.

Обвинувањата за странско влијание преку дезинформациски кампањи и политичка манипулација се предмет на засилен интерес и во меѓународната заедница, особено во контекст на хибридни закани и изборни процеси. Иако Лефков не понуди конкретни докази пред јавноста, апелираше институциите и медиумите „да ја сфатат сериозноста“ на ситуацијата.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press