ЦИВИЛ: Либерализацијата на продажбата на муниција е закана за безбедноста и го компромитира евроинтегративниот процес

ЦИВИЛ – Центар за слобода остро ја осуди иницијативата на Министерството за внатрешни работи за измени на Законот за оружје, со кои би се дозволила продажба на муниција на цивилни сопственици на оружје без претходно одобрение од МВР. Од организацијата предупредуваат дека ваквиот чекор сериозно ја загрозува јавната безбедност и меѓународната положба на државата.

Според ЦИВИЛ, укинувањето на контролниот механизам за набавка на муниција отвора врата за зголемен нелегален проток, јакнење на организираниот криминал и терористички мрежи, како и дополнително оптоварување на институциите за спроведување истраги. Притоа, ваквата либерализација е во спротивност со меѓународните обврски на земјата, вклучително и Регионалниот патоказ за контрола на оружје и Договорот за трговија со оружје (ATT), предупредуваат од ЦИВИЛ.

Организацијата посочува дека предложената измена испраќа опасен сигнал до европските партнери и може да го наруши кредибилитетот на Северна Македонија во процесот на ЕУ интеграција. ЦИВИЛ бара итно повлекување на предложените измени и предлага воведување на построги механизми за следење и контрола на набавката и дистрибуцијата на муниција, во насока на заштита на граѓаните и зајакнување на довербата на меѓународната заедница.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press