Честитки од Британија, ЕУ, САД но и од Русија по повод Денот на независноста

По повод Денот на независноста, 8 Септември, Македонија доби честитки од Европската Унија, Соединетите Американски Држави, Обединетото Кралство, други европски и светски државници, но и од Руската Федерација.

Марта Кос, евро-комесарката за проширување на ЕУ, на социјалната мрежа „X“ напиша:

„Честитки до народот на Северна Македонија по повод Денот на независноста! Цврсто го поддржувам вашиот пат кон приклучување во Европската Унија. Со вас сме на секој чекор од тој пат“.

Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија исто така испрати честитка на македонски, албански и англиски јазик:

„Честитки до сите граѓани на Северна Македонија по повод Ден на независност! Urimet më të mira për të gjithë qytetarët e Maqedonisë së Veriut me rastin e Ditës së Pavarësisë!“

Од страна на Соединетите Американски Држави (САД), честитка упати државниот секретар Марко Рубио, кој потсети дека годинава се одбележуваат и 30 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји:

„Во име на САД, им упатувам честитки на граѓаните на Северна Македонија по повод одбележувањето на 34-годишнината од вашата независност и 30-годишнината од дипломатските односи меѓу нашите две држави.

Соединетите Американски Држави го ценат цврстото партнерство на Северна Македонија во унапредувањето на глобалната безбедност и стабилност. Како сојузник во НАТО, посветен на одбраната на мирот и слободата, вашата обврска за зголемување на буџетот за одбрана на НАТО самитот ова лето е доказ за посветеноста на Северна Македонија кон нашите заеднички безбедносни цели. Додека го одбележуваме овој јубилеј во нашите односи, САД остануваат посветени на продлабочување на нашата соработка за зајакнување на колективната безбедност, борба против транснационалните закани и промовирање на просперитет кој создава работни места“.

Амбасадата на САД во Скопје, пак, на X порача:

„Честит ден на независноста! Оваа година е особено значајна затоа што ја одбележуваме и 30-годишнината од дипломатските односи меѓу нашите земји. Заедно изградивме силно партнерство во дипломатијата, безбедноста, образованието, културата и многу повеќе“.

Ти исто така посочија во посебна објава дека вработените во Амбасадата на САД им се приклучија на членовите на дипломатскиот кор за да им оддадат почит со цвеќе на првиот претседател на Северна Македонија, Киро Глигоров, првиот премиер, Никола Кљусев, и поранешниот претседател, Борис Трајковски.

Британската амбасада, пак, објави видео од амбасадорот Метју Лосон, во кое тој се обраќа на македонски јазик посочувајќи дека во чест на овој важен државен празник за македонскиот народ Неговото Величевство Кралот Чарлс Трети испрати писмо до претседателката Гордана Силјановска Давкова со искрени честитки.

„Стратешкото и меѓувладиното партнерство се исто така доказ за посветеноста на двете држави за продлабочување на соработката во областа на надворешната политика, безбедноста и одбраната, особено во рамките на НАТО, борбата против тешкиот и организиран криминал и корупција, соработка во областа на културата и образованието, како и економски раст и просперитет во двете држави“, посочи Лосон.

Честитка испрати и Амбасадата на Руската Федерација во Македонија, која во својата порака истакна:
„На сите македонски граѓани од срце им го честитаме државниот празник – Денот на независноста! Посакуваме принципи на сувереноста и самостојноста да бидат патоказ за македонскиот народ во иднина“.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press