Мицкоски: Чадот од Дрисла се гледа, но нема загадување на воздухот, ако не сакаме проблеми со отпадот ни требаат модерни депонии
По пожарот кој се уште е активен на депонијата „Дрисла“, Скопје е обвиено во чад, а мирис на изгорено се чувствува речиси низ целиот град. Во меѓувреме, Министерството за здравство не излезе со препораки за заштита на здравјето на граѓаните, а премиерот Христијан Мицкоски вели дека тоа е така бидејќи мерните станици не покажуваат загадување.
„Иако визуелно се гледа чад, сепак нема зголемени параметри во воздухот кои би биле алармантни“, рече денеска Мицкоски, а пожарот на Дрисла го поврза со претстојните локални избори, алудирајќи дека на противниците на власта им одговара во моментов градот да се соочува со ваква криза.
Тој вели дека за скопската депонија нема ад хок решенија, туку таа мора да се модернизира за да не се случуваат вакви инциденти.
„На депонија се ослободуваат запаливи гасови и со еден отпушок може да настане пожар. Дрисла мора да се уреди, да се изгради со фабрика за производство на енергија, да се прошири капацитетот и да се затвори, за да не може секој да влегува и да ја потпалува“, вели Мицкоски и најави по изборите Дрисла ќе се модернизира со јавно-приватно партнерство.
Тој смета дека во земјава мора да се изградат и регионалните депонии по европски стандарди, доколку сакаме вистински третман на отпадот. Ги спомена планираните проекти во Свети Николе, Новаци и Русино, за кои рече дека има многу отпор и од населението и од политички партии.
„Не сакаме отпад, но сите создаваме отпад и тој мора некаде да се одлага. Таму каде што рековме дека ќе се изградат фабрики за отпад, налик на депонијата во Виена, по сите европски стандарди и за кои веќе имаме пари обезбедено од Европската Комисија, таму наидуваме на отпор и напади, дека не сакаат отпадот да се одлага токму кај нив. Но, ако ги направиме овие депонии со фабрики за преработка на отпадот и за производство на електрична енергија, тогаш нема веќе да имаме проблем,“ смета премиерот Мицкоски.
Европската Унија (ЕУ) на земјава ѝ даде неповратни финансиски средства од 40 милиони евра за изградба на регионална депонија по европски стандарди за Источниот и Североисточниот плански регион, но локалната власт на Општина Свети Николе е против да се гради проектот на локацијата близу селото Мечкуевци. Десет години се чека да започне изградбата на мултифунцкионалната регионална депонија за управување со отпад, која е повеќекратно поеколошка од сегашното решение со десетици диви и нестандардни депонии од кои се загадува водата, почвата и воздухот. За неа тендерот заврши во мај, а во моментов во тек е евалуацијата на понудите.