Како почна така и завршува првиот дел од кампањата – оцрнувања, врамувања, навреди

Ваквиот тек на кампања го наметнуваат и лидерите на двете најголеми парламентарни партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, а тој започна уште на стартот на официјалниот дел со врамување и оцрнување дури и на самите слогани,  пишува „Вистиномер“. 

Кампањата за локалните избори чиј прв круг е закажан в недела (19.10.2025), е невообичаена во смисла дека сите поголеми парламентарни партии изборите ги ценат како референдум за тоа кој колку вреди за натамошно водење на државата на централно ниво, а не како 81 референдум за тоа кој нуди поквалитетна и остварлива програма за водење на општините и на Град Скопје.

Во таа смисла во медиумите во делот на информативната програма доминираат пораките од лидерите на политичките партии наместо од кандидатите за градоначалници кои тие ги испраќаат од секој митинг во изборната кампања или од секое гостување во медиумите. Тоа го покажува и следењето на изјавите на лидерите на двете најголеми парламентарни партии во македонскиот блок ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Христијан Мицкоски и Венко Филипче, кои зборуваат на национални теми, теми со кои се занимава централната власт, користејќи често притоа и навредлив говор за политичкиот противник, а тоа после го правдаат дека другата страна прва почнала (види тука и тука).

Мицкоски: Гласајте за нас зашто нивниот дом се бизнисите, тендерите, фабриките за марихуана 

Еве дел од последните настапи:

Нивниот дом за кој се борат се бизнисите, тендерите, зделките во четири очи, фабриките за марихуана, желбата да се профитира на нечесен и криминален начин. И знаат дека со секој глас повеќе, со секоја поддршка повеќе за нас, тие се готови, а така го гледаат во очи нивниот  политички крај. А политичкиот крај значи и соочување со она од што најмногу се плашат, а тоа е правдата. Сето ова за што ви зборувам, драги мои, можевте да го видите на филмска лента во изминативе две и пол недели од оваа  кампања за првиот круг на овие локални избори. Сосема извесно е дека со еден избор одите напред, а со друг се враќаме назад. Сетете се само на оние 7 години кога влада беа СДСМ и ДУИ. Со еден избор се борите за твоето маало, за твојата општина и заедничката иднина, а со другиот се борите за нивните лични интереси.  (Мицкоски во Берово).

Варијација на темата имаше и во Делчево:

Сакам да обрнам внимание на еден парадокс кој се случува, гледајќи ја кампањата на нашите конкуренти. Го слушам Венко како на државава ѝ се случувало цунами, од лошо – полошо… Каде беа тие пред година и половина, тие заедно со ДУИ беа власт седум години. Ние не почнавме од прозорците, фасадата, кровот на нашиот дом. Почнавме од темелите. Сменија име, устав, донесоа двоцифрена инфлација, профитираа од тендери, дури и од вакцини правеа профит. Ветуваа дека ќе ги донесат Фејсбук и Гугл, а единствената инвестиција беше таа во фабриките за марихуана

Дали човеков е свесен дека ако се  слушнат говорите и настапите на Венко кога тие беа власт и сега кога се опозиција, тоа се два комплетно различни света…„Венко на власт и Венко во опозиција е различен за 180 степени, или  сега е Венко против Венко. Проблем е што мислат дека со ваквите настапи ќе ја продолжат истата песна и мислат дека народот има кратко помнење, но не е така. (Мицкоски во Делчево).

 

Филипче: Неспособна и некадарна влада, затоа гласајте за нас, Христијан те презираат

Со оваа неспособна влада на ВМРО-ДПМНЕ полека, но сигурно, исчезнуваат странските инвестиции од Македонија“…Се поставува прашањето каде исчезнаа странските инвеститори? Зошто ја изгубија довербата во државата? Одговорот е јасен, знаат дека државата ја води влада без визија, без интерес за развој, без капацитет за реформи и за европска иднина“… Ова е последица на неспособноста и незаинтересираноста на владата на Мицкоски. Затоа, на 19 октомври граѓаните ќе испратат силна порака. Доста е од лаги и празни ветувања. Време е за број 5, за развој, стабилност и европска Македонија. (Филипче во Маврово-Ростуше)

Или ден претходно во Битола:

…Оваа власт не ги решава проблемите на луѓето туку ги игнорира.Оваа власт гази по солидарноста, човечноста, демократијата, напредокот и правичноста. И тоа нѐ боли. Нѐ боли затоа што гледаме дека ова не е Македонија што ја заслужуваме. Ниту Битола каква што ја замислуваме…Да ја вратиме Македонија во рацете на нејзиниот народ. Ова не се само локални избори. Ова е прашање на вредности… (Филипче во Битола)

Или три дена претходно од Јегуновце:

Мицкоски вчера вели СДСМ имал патолошка омраза кон ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски зборува за омраза – а сам е извор на омраза. Цела година навредува, понижува, го дели народот…Никој тебе не те мрази Мицкоски – туку те презира. Те презира за сите лаги и безочни манипулации кои ги сервираш секогаш кога ќе бидеш соочен со неуспех или вистина која те боли. Те презираат оние кои со лаги ги измами за да дојдеш на власт, а потоа не исполни ништо. Те презираат сите кои веруваа дека си човек од народот, а испадна дека си најарогантниот премиер кој го имала Македонија. (Филипче од Јегуновце).

ОДИХР добро го проценил политичкиот контекст

Ваквиот развој на кампањата која најчесто се оценува како црна кампања, а која е надополнета со уште подиректен вокабулар и на социјалните мрежи, се одвива во рамки на политичката сцена каде и далеку пред официјалната изборна кампања во политичката реторика доминираа национални прашања од типот на идентитетот, јазикот, малцински права, итн. Впрочем, во Преодниот извештај што го подготви набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за периодот од 5 септември до 1 октомври, а издаден на 3 октомври, во делот Историја и политички контекст се наведува:

Политичката средина и понатаму е поларизирана, вклучително и по етничка линија. Во јавниот дискурс преовладуваат прашања во врска со националниот идентитет и правата на етничките заедници, како и дебатите за нерешените уставни измени и реформи потребни за напредок во преговорите за пристапување кон Европската Унија (ЕУ). Покрај тоа, законските прашања релевантни за етничките заедници, како што е оспорувањето на уставноста на Законот за употреба на јазиците што е во тек пред Уставниот суд, како и правичната застапеност на лицата што им припаѓаат на сите заедници во јавните институции и во други области од јавниот живот, претставуваат важен дел од амбиентот на овие избори.

Во овој дел се споменува дека и трагедијата во Кочани придонела за негативна перцепција кон институциите, што пак исто така можеше да се забележи во текот на првиот дел од изборната кампања и во говорите на лидерите на политичките партии.

Пишува: Теофил Блажевски 

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press