Сиљановска-Давкова го честиташе 23 Октомври: Имаме обврска да продолжиме, но не со оружје, туку со реформи
Претседателката Гордaна Сиљановска-Давкова, денеска упати честитки по повод 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба и порача дека нашите генерации имаат обврска да го негуваат и продолжат револуционерното дело на нашите претци преку грижата и заштитата на вечните хумани принципи.
Сиљановска-Давкова нагласи дека обврска имаме и кон нашите наследници чесно, одговорно и посветено, да го продолжиме револуционерниот пат, но не со оружје, туку со револуционерен ум, знаење и со реформи.
„Многупати сум потсетила дека животот во слобода, мир и демократија во своја национална држава не ни е подарен, туку е извојуван и изборен од нашите предци, македонските револуционери. Затоа, денешниот голем празник е можност да се потсетиме на хероите кои ги дадоа своите животи за слободна, независна, но и за социјална, солидарна и демократска македонска држава. Нивните идеали беа сржта на најнапредните идеи од крајот на 19. век, од нив извираат и врз нив се темелат европските вредности, вградени во конститутивните документи на ЕУ, на коишто постојано повикувам, рече Сиљановска-Давкова
Таа нагласи дека земјата треба политички да ја вградиме таму каде што географски, историски и културно отсекогаш припаѓа, во Европа, како и да да ги почитуваме и негуваме темелите врз кои е изградена, правото, правдата, етиката, солидарноста и рамноправноста.