Штип, 13.02.2026
Горан Гошев, камионџија во Змај промет, минатата година по европските патишта изминал 123.000 километри за сигурно и безбедно да ја достави бараната стока до клиентите…Овој средовечен штипјанец (47) цели 22 години другарува со камионите, а од 2013 година работи како возач на шлепер во штипската компанија Змај Промет крстосувајќи по европските патишта. За него претпоставените ни рекоа дека е перфектен работник, одговорна личност силно посветена на работа каква што е неговата.
-Мојот камион-шлепер е мојот втор дом. Тоа е така бидејќи голем дел од времето го поминувам во него. Тој е мој другар, пријател, соработник, хранител на моето семејство. Безрезервно си ја сакам професијата возач на шлепер кој тежи 18 тона, а кога ќе се наполни со стока и цели 48 тони, вели Гошев. Oваа моја работа не е физички тешка колку што е психички напорна бидејќи секој камионџија е изложен на отворените патишта по кои циркулира еден посебен свет и каде мора да се внимава на секоја ситница, вели Гошев.
Со неговиот шлепер превезува текстил, храна и други стоки низ целиот стар континент. Лани по европските патишта поминал 123.000 километри и никогаш до денес не доживеал било каква несреќа исполнуваќи ги своите работни задачи.
-Мојата животна професија бара силна посветеност, внимание во секој миг додека се држи воланот в раце, контрола на патот по кој се вози. Секогаш имам во предвид дека неконтролираното возење го доведува во прашање мојот живот, животот на другите но и материјалната штета која може да се направи на камионот кој го возам, а мојот шлепер марка „Волво“ чини 83.000 евра. Јас сум свесен за сите овие моменти и токму поради тоа многу сум посветен на одговорното возење, ги појаснува Гошев работите.
Вели дека неговата фирма не жали пари камионите да бидат во најдобра форма. Змај Промет има сопствен сервис во кој се вршат поправќи и за други клиенти.
-Кога патувам низ Европа мојата кабина е мојот дом. Во неа имам клима, фрижидер, два кревети за спиење, тоа е еден мал луксуз…Секогаш возиме со најдобри нови гуми „Мишелин“. Возам толку колку што европските закони дозволуваат, а една тура знае да трае и до десет дена. Првата недела смеам да возам вкупно 56 часа, втората 34 часа, јас тоа силно го почитувам и не поради тоа што ако возиш повеќе тахографот ќе те издаде ако те сопре полиција, туку затоа што некоја умна глава проценила дека тоа е време во кое еден возач на шлепер е способен да биде одморен и квалитетно да си ја врши работата, истакнува камионџијата Гошев.
Тој не крие дека неговата плата изнесува од околу 1.700 евра месечно, во зависност од работата и работните обврски.
Кога ќе се врати од напорните тури одморот го наоѓа во семејниот дом и семејството. Негова лулка на спокојот се наговата сопруга Адријана која работи во „РХУР Медикал“, ќерката Ана Марија која студира право на Универзитетот „Гоце Делчев“, а истовремено, во слободното време работи и како педикир, и синот Христијан кој има 20 години, а работи во Квенбергер Логистик.
Нас не интересираше за што најмногу размислува еден камионџија додека ги вози долгите тури низ Европа?
-Мислата не смее да ти одлута било каде. На отворен пат си, соочен си со голем сообраќај, исполнети патишта, мора да мислиш на секој чекор што го правиш возејќи го шлеперот за да не се загрозиш себе си и другите учесници во сообраќајот, камионот кој го возиш и стоката која треба да ја транспортираш до определена дестинација. Мислам дека така прават сите одговорни камионџии, појаснува Гошев.
Овој сеуште млад човек живее во семејна куќа во населбата „Дузлак“. Задоволен е од животот , сите во семејството придонесуваат за семејната благосостојба, сите се со добро здравје и тоа е тоа кое него целосно го исполнува.
