Колумбиски воен транспортен авион со 121 лице во него, најмногу војници, се урнал кратко по полетувањето на југот на земјата, при што загинале најмалку 66 лица, пренесува Гардијан.
Министерот за одбрана Педро Санчез изјави дека несреќата се случила додека авионот „Локхид Мартин Херкулес Ц-130“ полетувал од Пуерто Легисамо, длабоко во јужниот амазонски регион на Колумбија, на границата со Перу, пренесувајќи припадници на вооружените сили.
Слики споделени на интернет од колумбиските медиуми покажуваат црн облак од чад што се издига од полето каде што се урнал авионот, како и камион со војници што брза кон местото.
Воздухопловните сили во соопштение наведоа дека најмалку 77 лица биле спасени од местото на несреќата со повреди. Портпарол на Министерството за одбрана изјави дека властите сè уште го утврдуваат конечниот број на загинати.
Медиумите споделија видеа на кои се гледа како војници се пренесуваат од местото на несреќата на мотоцикли управувани од локални жители, додека друга група жители се обидува да го изгасне пожарот што падот на авионот го предизвикал на поле опкружено со густа вегетација.
Карлос Фернандо Силва, командант на колумбиското воено воздухопловство, изјави дека деталите за несреќата засега не се познати, „освен дека авионот имал проблем и се урнал на околу два километри од аеродромот“.
Колумбискиот претседател Густаво Петро ја опиша несреќата како „ужасна трагедија што никогаш не требало да се случи“.
Во подолга објава, очигледно обидувајќи се однапред да одговори на можни критики, Петро рече дека со години се обидува да ја обнови воената флота, но дека бил попречуван од „бирократски тешкотии“.
„Ако цивилните или воените административни функционери не се дораснати на овој предизвик, тие мора да бидат сменети“, рече Петро.
Водечките кандидати за претседател на Колумбија – чиј прв круг ќе се одржи кон крајот на мај, кога Петро нема да се кандидира бидејќи нема право на реизбор – исто така објавија пораки со сочувство за трагедијата и побараа истрага за причините.
Санчез рече дека спасувачки екипи биле испратени на местото на несреќата и дека причината за падот сè уште не е утврдена. Властите соопштија дека две летала, со вкупно 74 кревети, биле испратени во регионот за да ги пренесат повредените во болници во главниот град Богота и на други места.
„Овој настан е длабоко болен за земјата“, напиша Санчез. „Се надеваме дека нашите молитви можат барем малку да ја олеснат болката.“
Подоцна Санчез изјави: „Авионот бил технички исправен за летање, а екипажот бил соодветно квалификуван.“
Министерот додаде дека, иако причините сè уште се истражуваат, веќе може да се исклучи можноста несреќата да била предизвикана од напад на некоја од бројните вооружени групи што ја измачуваат Колумбија.
Портпарол на „Локхид Мартин“ изјави дека компанијата е подготвена да ѝ помогне на Колумбија во истрагата за инцидентот.
Авионите „Херкулес Ц-130“ првпат беа пуштени во употреба во 1950-тите години, а Колумбија ги набави своите први модели кон крајот на 1960-тите. Во поново време, земјата модернизираше дел од постарите Ц-130 со понови модели испратени од САД, според одредба што дозволува трансфер на користена или вишок воена опрема. Авионите „Херкулес Ц-130“ често се користат во Колумбија за транспорт на војници во рамки на воените операции поврзани со внатрешниот конфликт што трае шест децении и однесе повеќе од 450.000 животи.
Ознаката на опашката на авионот што се урнал во понеделникот се совпаѓа со првиот од трите авиони што САД ѝ ги испорачаа на Колумбија во изминатите години.
На крајот на февруари, уште еден „Херкулес Ц-130“, што ѝ припаѓал на боливиската авијација, се урна во густо населениот град Ел Алто, при што за малку избегнал станбен блок, а загинаа повеќе од 20 лица и уште 30 беа повредени.
