Струга, 23 јули 2017
Поглаварот на МПЦ – ОА г.г.Стефан, во Калишта, ги венчал Петар Ристевски, познат Македонец од Сиднеј, кој, конечно запловил низ брачните води, со неговата изабраничка Натали – по нивни избор, на водите од прекрасното Охридско Езеро, кај Калишта – пренесува, низ збор и фотографии, порталот “Фаланга” од Мелбурн.
Петар, инаку е познат политичар и бизнисмен во Сиднеј, долги години беше советник во општината Ливерпул, а извесен период беше и заменик градоначалник на Ливерпул.
Меѓу Македонците е познат и како успешен бизнисмен и еден од лугето кои сакаат да инвестираат во Република Македонија.
“Но, мораме да признаеме дека Петар беше доста популарен меѓу девојките, но само една успеа да го освои неговото срце и да и припадне честа да биде негова животна сопатничка. Изборот на неговото срце е прекрасната Натали” – пишува порталот.
Љубовта кон Република Македонија, како родно место на неговите родители, го натера Петар најубавиот миг во својот живот да го прослави токму во Македонија на брегот на Охридското Езеро.
Натали и Петар допатуваа од Австралија за нивната свадба да ја одржат во Македонија. Свадбената церемонија најпрво започна со венчавка во црквата Св. Богородица-Калишта, каде чинот го изврши Поглаварот на МПЦ – ОА г.г.Стефан, а потоа свадбената церемонија продолжи во хотелот “Изгрев”.
За забавата се погрижија врвни музички имиња и тоа Марјан Коцев, Благојче Стојановски – Туше и групата “Молика Јуниор”.
Невестинскиот фустан на Натали беше една прекрасна креација на познатиот италијански дизајнер Галија Лаха.
За нагласување е тоа што Натали претходно ја прими православната вера во манастирот Св. Јован Бигорски од страна на отец Партениј, а веднаш потоа за неполни две седмици се венча за Петар со сите православни обичаи.
По свадбената церемонија младенците заминаа својот меден месец да го поминат во прекрасното мондемско летувалиште Санторини во Грција, по што се враќаат во Австралија.