Штип, 22.04.2026
Центарот за култура „Ацо Шопов“ по повод смртта на поетот, револуционер, дипломат и општественик Ацо Шопов (20 април 1982 година) организира настан под името „Во чест на поетот“. Врв на настанот е доделување на признанија за особен придонес на полето на македонската литература.
На денешниот настан во Домот на култура, во собата посветена на животниот и творечки пат на Ацо Шопов, признанието Ацо Шопов за животно дело во областа на литературата и културата му беше доделено на академик Божин Павловски.
„Ацо Шопов беше една многу нежна личност, а таква беше и неговата поезија. Павловски вели дека ова признание го радува, бидејќи за пријател го имал најдобриот и најголем македонски поет Ацо Шопов.
-Со Штип ме врзуваат и многу спомени мојот школски другар, со кого седев во иста клупа, стана градоначалник на Штип, се викаше Михаил Данев. Во секој случај градот Штип е во еден духовен подем и се грижи за културата, уметноста. Лично мене ова призанание ми претставува големо задоволство,рече Павловски.
За ликот и делото на академик Божин Павловски говореше неговиот пријател, новинар и писател Блаже Миневски.
Признанието „Ацо Шопов“ за животно дело на академик Павловски му го предаде Пеце Ристески, директор на Центарот за култура Штип кој го носи името на знаменитиот поет.
Исто така плаќета за придонес во поддршка и популаризација на литературата, културата и уметноста доби и ревијата за литература, култура и уметност Стожер. Признанието го прими главната и одговорна уредничка Марија Мијаковска.
Ацо Шопов се смета за еден од најзначајните поети на Југославија. Учествувал како партизан во Втората светска војна и неговите песни напишани во тоа време биле објавени како Песни во Белград и Куманово во 1944 година, а потоа и во неговиот роден Штип. Импресивен беше неговиот мандат како амбасадор на Југославија во Сенегал каде ја напиша познатата песна „Во Штип и во Жоал“.
Песни на Шопов читаа ученички од гимназијата „Славчо Стојменски“ и актерот Раде Рогожаров, а целиот настан прекрасно го водеше Искра Постолова.
