Јаневска: Следува голем скандал што ќе ја изненади јавноста

Министерката за образование и наука Весна Јаневска најави дека наскоро ќе бидат откриени уште посериозни неправилности во одредени институции, оценувајќи дека во системот постојат сериозни пропусти кои ќе бидат третирани согласно законските процедури.

Таа денеска се осврна на случајот со Филозофскиот факултет при УКИМ, каде што, според наодите на Државниот просветен инспекторат (ДПИ), од 2019 година биле вршени незаконски уписи на студенти на втор и трет циклус студии, иако нивните претходни додипломски студии не ги исполнувале потребните услови.

Според информациите, станува збор за седум студенти запишани на магистерски и четворица на докторски студии. Нивните уписи се поништени, а студирањето е прекинато. Во меѓувреме, осум лица имаат магистрирано, додека никој досега не докторирал. Засега не е донесена конечна одлука за важноста на веќе издадените дипломи.

Јаневска истакна дека ДПИ постапувал по претставки и утврдил прекршувања, по што се донесени соодветни решенија.

„Министерството и Државниот просветен инспекторат немаат избор, мора да постапуваат по закон. Разбирам револт кај студентите, но постојат институции каде што можат да ги остварат своите права“, изјави Јаневска при посета на Стоматолошкиот факултет при УКИМ.

Таа додаде дека извештајот од инспекцијата ќе биде обработен во текот на викендот, а од понеделник ќе се носат конкретни решенија. Според неа, одговорноста за пропустите ќе се утврдува, без разлика дали се работи за администрација, раководство или студенти.

Јаневска нагласи и дека Агенцијата за квалитет во високото образование во претходниот период не спровела евалуации, додека во последните месеци се утврдени повеќе неправилности.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press