Организацијата ЦРТА соопшти дека на списокот на патници на чартер-летот, на кои од безбедносни причини им бил забранет влез во Црна Гора во Тиват, се наоѓаат и имиња кои се совпаѓаат со акредитирани набљудувачи во мисии поврзани со власта на повеќе локални избори, пренесува Н1.
Раша Недељков од оваа организација изјави дека, според последните информации, станува збор за 10 лица. Тој додаде дека постојат и шпекулации дека меѓу патниците се наоѓало и лице кое учествувало во нападот врз Лазар Диниќ во Бор за време на локалните избори.
„Меѓу акредитираните лажни набљудувачи на локалните избори пронајдовме најмалку 10 лица. Тоа не значи дека само тие биле активни во локалните изборни кампањи, туку дека имале акредитации за влез на избирачките места. Немавме можност да ги проверуваме членовите на избирачките одбори, но ова е уште еден показател дека насилството стана можно поради неказнивоста на актери кои дејствуваат како параполицајци во државни работи, како што беше случајот вчера“, рече Недељков.
Тој додаде дека постојат шпекулации оти меѓу патниците имало и лица поврзани со одделни инциденти, конкретно со нападот врз Лазар Диниќ во Бор и врз студентка во Нови Сад.
„Кружат информации дека меѓу патниците имало лице кое било задолжено за нападот врз Лазар Диниќ во Бор, а се шпекулира и дека меѓу нив имало човек кој учествувал во нападот врз студентка во Нови Сад. Тоа е профилот на луѓе што го сочинува изборното опкружување во Србија“, изјави Недељков, додавајќи дека ваквите ситуации ќе бидат „целосно отрезнувачки за граѓаните на Србија“.
Дали Брисел сака да слушне во каква атмосфера се спроведуваат измените на изборните закони? Недељков оцени дека во европските институции постои свест за проблемите поврзани со изборниот процес во Србија, посочувајќи дека прашањата за медиумските слободи, изборот на членовите на Советот на РЕМ и притисоците врз гласачите веќе се препознаени во извештаите и ставовите на ЕУ.
Тој предупреди и на проблемите поврзани со ревизијата на избирачкиот список, која, според него, не може да се спроведе затоа што државните институции одбиваат соработка.
