Израел и Хезболах се договорија за прекин на огнот иако нападите во Либан продолжуваат

Израел и Хезболах се согласија за прекин на огнот, изјави американски функционер, по интензивните израелски воздушни напади во јужен Либан во кои загинаа 47 лица.

Најновиот договор се случува по загриженоста дека континуираните судири, ќе го загрозат договорот за завршување на војната меѓу САД и Иран.

Израелската војска потврди дека прекинот на огнот е на сила, но подоцна портпаролот изјави дека нејзините сили „ќе продолжат да ги отстрануваат непосредните закани“.

Спасувачките служби во градот Набатија за Би-Би-Си изјавија дека имало најмалку 12 воздушни напади откако започна прекинот на огнот.

Меморандумот за разбирање прогласи прекин на огнот во Либан, како и меѓу САД и Иран. Но, тоа не е реалноста на терен, што го наведе Техеран да го обвини Трамп дека не успеал да го совлада Израел.

Самиот Трамп изјави дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху бесмислено убива цивили во борбата против Хезболах.

Ноќното разгорување на конфликтот во јужен Либан претставува дополлнителен проблем.

Додека Белата куќа инсистира на прекин на огнот, крајнодесничарскиот министер за национална безбедност на Израел, Итамар Бен Гвир изјави дека „Либан мора да гори… За секоја солза пролеана од израелска мајка, 1.000 либански мајки мора да плачат“.

Како одговор, иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, го обвини Израел дека сака „трајна војна“ и инсистираше дека секое прекршување на обврските утврдени во меморандумот за разбирање „ќе им се припише на САД“.

Нетанјаху е под внатрешен притисок да ги продолжи воените операции против Хезболах, додека групата поддржана од Иран изјави дека ќе продолжи со нападите сè додека трае израелската инвазија на јужен Либан.

По најновото објавување за прекин на огнот, портпаролката на израелската војска, Ефи Дефрин, изјави дека Израел „ќе продолжи да ги отстранува непосредните закани, да одговара на прекршувањата на Хезболах и да прави сè што е потребно за да ги заштити нашите цивили“.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press