Кочани, 29.06.2026
Доцна синоќа Општина Кочани истапи со алармантно соопштение барајќи од медиумите веднаш да го пренесат до јавноста, Во соопштението се известуваат граѓаните дека во текот на вчерашниот ден е регистрирана енормно зголемена потрошувачка на вода во шест населени места (села) и тоа: Оризари, Грдовци, Горни Подлог, Долни Подлог, Тркање и Мојанци.
Во соопштението се вели:
-Додека вообичаената потрошувачка во општината изнесува околу 23 литри во секунда, во моментов е евидентирана потрошувачка од 53 литри во секунда, што претставува повеќе од двојно зголемување и сериозно го оптоварува водоснабдителниот систем. Причината е во масовното користење на водата за пиење за наводнување на тревници, бавчи и земјоделски култури, како и за миење на дворови, бекатон-површини и други површини.
-Поради ваквата несовесна и неодговорна потрошувачка, високите зони веќе се соочуваат со сериозен недостиг на вода, а доколку потрошувачката не се намали, ќе биде загрозено редовното водоснабдување и во останатите населени места, се алармира во соопштението.
Општина Кочани апелира до сите граѓани веднаш да престанат со користење на водата за наводнување и миење на дворови и други површини и истата да ја користат исклучиво рационално.
Доколку ваквата состојба продолжи, се најавува воведување рестрикции за несовесните корисници, со цел да се обезбеди уредно и непречено водоснабдување за сите граѓани во Општината.
-Апелираме до сите жители да покажат одговорност и солидарност, бидејќи само со рационално користење на водата може да се обезбеди стабилно водоснабдување во сите населени места, се нагласува во итното соопштение на Општина Кочани.
