Штип, 22.07.2026
Силниот урагански ветар синоќа однесе дел од кровната конструкција на штипската Клиничка болница поради што дел од пациентите од одделението за ортопедија се преместени на другите одделенија во болницата. Билјана Ефтимова заменик директор на Клиничка болница-Штип рече дека одделенијата ортопедија и единицата за интензивна нега функционирале со намален интензитет.
-Пациентите се сместени во делот каде што е суво, каде што нема протекување. Значи, во текот на ноќта од пациентите беа префрлени на други одделенија заради нивна заштита. Се работи за околу 20 пациенти, што говори дека не се работи за комплетниот дел од ортопедското одделение, изјави Ефтимова.
Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов информираше дека невремето со дожд и силен ветар направи штети и на други институции и домовите на граѓаните. Некои од деловите на градот немаат струја.
-Веднаш на терен ги активиравме сите екипи на јавните претпријатија „Стипион“, „Исар“, Територијалната противпожарна единица. Во комуникација со СВР Штип се расчистуваат сите сообраќајници. Од она кое што можевме да го добиеме како повратна информација на самиот кризен штаб, морам да констатирам дека е предизвикана материјална штета на приватни имоти, на институции…Имаме доста случаи евидентирано во повеќе населби на паднати дрвја, гранки, кровни конструкции, оштетени возила. Сето она кое што и во моментов го работат екипите како комисија од страна на Општина Штип која ќе ги евидентира сите настанати штети, оваа прилика ја користам да ги повикам сите граѓани да пријават одредена промена настаната поради невремето или оштетување на нивниот приватен имот, за да имаме точни податоци за состојбата на територија на Општина Штип-изјави Јорданов.
Директорот на ЈП „Исар“-Штип, Александар Арсовски вечерва изјави дека на терен се 60 вработени кои работат на расчистување на штетите.
-На терен се работниците со целата механизација којашто ја поседуваме. Приоритет ни беше да се оспособат сообраќајниците. Го оспособивме влезот на Клиничката болница, имавме паднато дрво на Филтер станицата од каде се снабдува целиот град со вода. Согласно приоритетите и насоките коишто ги добиваме од Кризниот штаб веќе интервенираме и можам да кажам дека скоро сите сообраќајници се проодни-вели Арсовски.
По два часа од невремето за какво не паметта ниту најстарите штипјани, сите сообраќајници беа ставени во функција.
Може да се каже дека со одлична организација при што во справување со невремето беа вклучени сите релевантни институции во градот и локалната власт, Штип бргу, за вакви прилики, се врати во нормала.
