Берово, 22.08.2026
„Ратевските бамбурци“ се прогласени за нематеријално културно наследство на Македонија, што претставува значајно признание за една од најавтентичните традиции на Ратево и Малешевијата.
Според Општина Берово, традицијата на Бамбурците се негува повеќе од пет века и се пренесува од генерација на генерација. Преку препознатливите маски, обреди и симболика, Ратевските бамбурци претставуваат живо сведоштво за богатото културно наследство на овој крај.
Од Општината упатуваат честитки до жителите на Ратево и изразуваат благодарност до Управата за заштита на културното наследство за препознавањето на вредноста, автентичноста и значењето на оваа вековна традиција.
По повод признанието, од 27 до 29 август на Градскиот плоштад во Берово ќе биде поставена изложбата на уметнички фотографии „Ратевските бамбурци“, во рамки на Етно Фестивал Берово 2026.
Изложбата е финансирана во рамки на Регионалната програма за локална демократија на Западен Балкан 3, финансирана од Европската Унија, имплементирана од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и кофинансирана од Општина Берово.
Прогласувањето на Ратевските бамбурци за нематеријално културно наследство е уште една потврда дека традициите што со љубов се чуваат со векови се важен дел од културниот идентитет на Македонија.
