„Крвава свадба“ во режија на Филип Петковски премиерно во Благоевград

На 7 септември, во Драматичниот театар „Никола Вапцаров“ во Благоевград, премиерно ќе биде изведена претставата „Крвава свадба“ од Федерико Гарсија Лорка, во режија, драматуршка адаптација и кореографија на македонскиот режисер и кореограф Филип Петковски.

„Крвава свадба“ е приказна за трагична љубов, претворена во современ сценски ритуал кој ги спојува физичкиот и постдрамскиот театар, танцот и балканското фолклорно наследство – препознатливи елементи од сценскиот јазик на Петковски. Ликовите навидум наликуваат на обични луѓе, растргнати меѓу она што општеството го очекува од нив и она што нивните тела го посакуваат. Тоа е претстава за љубовта како сила која не им се потчинува на правилата, за семејството како засолниште и затвор и за свет во кој честа понекогаш станува поважна од човечкиот живот.

Говорот и текстот во претставата не доминираат како основни изразни средства. Актерите ги користат кореографијата и движењето за да ги изразат емоционалните состојби на ликовите, додека очилата што ги сокриваат нивните погледи го насочуваат вниманието кон телото како главен носител на сценското значење и оставаат простор за субјективна интерпретација на гледачот.

Постановката не се обидува да ја реконструира Андалузија на Лорка, туку создава сопствен сценски свет преку елементи од ромското и балканското фолклорно наследство, особено присутни во музиката на Петар Дундаков. Традиционалното и современото, религиозното и паганското постојат во една заедничка реалност, во која луѓето постојано се обидуваат да избегаат од улогите што општеството однапред им ги определило.

Сценографијата на Мартин Манев ја создава „сувата пустелија“ што ликовите постојано ја споменуваат во текстот, додека костимите на Антонија Гугинска Јорданоска ја интерпретираат културата на облекување во Андалузија преку современа естетика. Драматуршката адаптација ја трансформира жената од жртва во активен субјект, а поезијата на Лорка селективно се користи како коментар на сценското дејство.

Кога музиката ќе запре и свадбениот ритуал ќе заврши, останува прашањето: дали трагедијата е последица на еден погрешен избор – или на свет во кој вистински избор никогаш немало?

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе