Викендов, во поетска Струга, слично како и со Меѓународниот поетски фестивал “Струшките вечери на поезијат”, ќе живее во ритaмот на литературната реч.
Од извориштето на реката Црн Дрим, понатаму до устието во Јадранското Море и се до Сарагасовото, по “свадбениот пат” на струшката јагула, ќе одекнуваат пораки за мир и соработка на Балканот и пошироко.
Поети од Хрватска, Србија, Бугарија и Црна Гора, заедно со колегите и пријатели од Македонија, ќе ја исполнат
богатата содржина зацртана од организаторот, во рамките на новото, 21. по ред, издание на списанието „Бранувања“, на “Македонска поетска ризница”.
– Ова издание носи исклучителни литературни дела, есеи, награди и песни кои сведочат за моќта на пишаниот збор. Манифестацијата, во целина, претставува вистински празник на пишаниот македонски збор, обединувајќи ги генерациите автори кои ја ткаат нашата поезија и литература, вели поетот и организатор Димче Шипинкароски, во името на Здружението за литература и култура “Бран” и “Македонската поетска ризница”.
Новото издание на списанието „Бранувања” донесува поетски творби од педесетина истакнати автори од поширокиот регион. Добар дел од нив ќе бидат интерпретирани на повеќе места во поетска Струга, почнувајќи од вечерва па се до недела навечер.
Официјално, манифестацијата се отвора во недела напладне, во 12,00 часот, во Конгресната дворана на хотелот “Дрим”, со настап на Студиото за танц “Бах”од Струга.
Како што најави организаторот Ана Бунтеска и Дарко Лешоски, ќе бидат прогласени за Автори на годината, за 2025, односно 2023, додека Венко Андоновски ќе го претстави својот “Манифест за нормална држава”.
Наградите за истакнат млад автор на “Поетска ризница”, ги добија Магдалена Петроска и Евгенија Пешинска, додека за странски автор на годината за особен придонес во културатa, е прогласен Валерио Орлиќ од Хрватска.
Наградите за живото дело, годинава одат кај Ристе Миладин – за посебен придонес во драмската уметност и кај Веле Митаноски – во областа на културата, литературата и новинарството.
