Универзитет „Гоце Делчев“ Штип:  Целосна соработка со МВР и обвинителството во истрагата за злоупотребата на електронскиот систем за оценки

Штип, 03.11.2026

Од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип соопштија дека целосно ќе соработува со Министерството за внатрешни работи и надлежното обвинителство во истрагата за сомнежите за злоупотреба на електронскиот систем за оценки од страна на вработено лице на Универзитетот. Од Ректоратот велат дека имаат нулта толеранција за корупција и злоупотреби во академската заедница и дека очекуваат случајот да биде целосно расчистен. Во соопштението, УГД уверува дека наставниот процес и академските обврски продолжуваат непречено.

Во врска со денешните полициски дејствија и истрагата поврзана со сомнежи за злоупотреба на електронскиот систем за оценки од страна на вработено лице на Универзитетот, Ректоратот на Универзитетот „Гоце Делчев” – Штип ја информира јавноста дека УГД овозможува целосна, неограничена соработка со МВР и надлежното обвинителство за брзо и целосно расчистување на случајот.

„УГД има нулта толеранција за корупцијата и злоупотребата во академската заедница и сметаме дека ваквите и слични случаи се во насока да се обезбеди подобро, поквалитетно и пообјективно студирање. Сакаме да ја увериме академската заедница, пред сè нашите студенти, наставниот и административниот кадар, како и пошироката јавност, дека УГД останува посветен на темелните академски вредности, на чесност и вистинитост, и останува проактивен во насока на сузбивање на девијантните појави“, порачаа денес од штипскиот универзитет.

Студентите и нивното образование остануваат во центарот на сите активности на Универзитетот. Наставниот процес, академските обврски, научноистражувачката работа и меѓународната соработка со низа реномирани европски универзитети продолжуваат да бидат приоритет на УГД.

„Како јавна високообразовна институција ја уверуваме јавноста дека остануваме посветени на транспарентноста, отвореноста и институционалниот интегритет. УГД нема да дозволи каков било сомнеж да ги наруши трудот и вредноста на дипломите на илјадниците чесни студенти и вработени.*

УГД има нулта толеранција за каков било облик на корупција или злоупотреба на службената положба. Институционалниот интегритет и довербата на нашите студенти се пред сè“, стои во изјавата на ректоратот.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе