МПЦ-ОА против кратењето на верските празници – празниците се вековна врска на народот со Црквата

Македонската православна црква – Охридска архиепископија се спротивстави на иницијативата на Стопанската комора за намалување на бројот на неработни верски празници, оценувајќи дека нивното значење е многу пошироко од прашањата поврзани со организацијата на работата и економската продуктивност.

Од МПЦ-ОА велат дека верските празници се дел од духовното и културното наследство и претставуваат вековна врска меѓу македонскиот народ и Црквата.

„Празникот како свештено време определено за споменување важни настани или личности од црковната историја, а со тоа и можност за оттргнување од секојдневните грижи, за приближување кон Бога и кон ближните, несомнено претставува живо сведоштво за верата, за духовното и културното предание, како и за вековната поврзаност на нашиот народ со Црквата“, посочуваат од МПЦ-ОА.

Оттаму нагласуваат дека празниците не треба да се третираат само како неработни денови и дека нивната вредност „не може, а и не треба да се сведува единствено на прашање на работна организација и економска продуктивност“.

Реакцијата на МПЦ-ОА следува по иницијативата на Стопанската комора за промена на календарот на неработни денови. Комората предлага законски измени со кои би се намалил бројот на дополнителни слободни денови по верска основа.

Еден од предлозите е работниците сами да избираат два дополнителни верски празници за кои би користеле слободен ден, додека останатите денови би биле работни. Комората предлага и промена за државните празници што се паѓаат во недела – наместо неработниот ден да се префрла во понеделник, следниот ден да биде работен.

Во моментов, во Македонија има 11 неработни денови што важат за сите граѓани, а припадниците на различни верски и етнички заедници имаат и дополнителни неработни денови.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе