„И Здравје и Работа“: Европа ги забрзува постапките за критични минерали, Македонија треба да го искористи потенцијалот на Иловица

Од иницијативата повикуваат јавната дебата за рударството да се темели на факти, стручност и одговорно разгледување на економските можности и еколошките стандарди.

Европската Унија ги интензивира напорите за обезбедување критични минерални суровини, а Европската комисија најавува нов повик за стратешки проекти до крајот на 2026 година. Во рамките на европската Директива за критични суровини, за стратешките проекти се предвидени поедноставени и попредвидливи постапки за издавање дозволи, со рокови до 27 месеци за експлоатација и до 15 месеци за проекти за преработка и рециклирање.

Овие европски чекори покажуваат дека критичните минерали добиваат сè поголемо значење за индустријата, енергетската транзиција и економската конкурентност на Европа.

Во овој контекст, иницијативата „И Здравје и Работа“ смета дека и во Македонија е потребна сериозна, аргументирана и одговорна дебата за потенцијалот на домашните минерални ресурси, вклучително и за проектот „Иловица – Штука“.

„Европа ја препознава важноста на критичните минерали и презема конкретни чекори за да ги развива своите капацитети. Македонија треба внимателно да ги разгледува можностите што ги има, врз основа на стручни анализи, законски процедури и јасни критериуми за заштита на животната средина и здравјето на граѓаните. Развојот и одговорноста не треба да се поставуваат како меѓусебно исклучиви цели“, порачуваат од иницијативата.

Проектот „Иловица – Штука“ е една од инвестициите во критични минерали во земјава за која се води долготрајна јавна дебата. Дозволата за геолошки истражувања е издадена во 2004 година, а подоцнежните истражувања укажуваат на потенцијал за просечно годишно производство до 16.000 тони бакар. Предвидениот животен век на рудникот е 23 години.

Од „И Здравје и Работа“ посочуваат дека дискусијата за ваквите проекти треба да ги опфати сите релевантни прашања: можностите за инвестиции и вработување, придобивките за локалната економија, заштитата на водите и земјиштето, здравјето на населението и примената на современи технологии и стандарди.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе